Лапорта нема „бланко чек“, Чави ќе мора да прифати или да си замине

Барселона е елиминирана од Лигата на Шампионите, а каталонскиот гигант по последниот пораз од Реал Мадрид остана и без шанси во трката за титулата во Ла Лига. Иднината на Чави како тренер на Барселона беше главна вест и пред овие неуспеси, а последните информации по поразот во Мадрид говореа дека клупската легенда е подготвена да го смени ставот и да остане уште една година на чело на Барса, доколку Жоан Лапорта задоволи неколку негови барања поврзани со засилувањата.

Одговорот од управата пристигна експресно – Чави нема да има „бланко чек“ во летниот преоден рок доколку реши да замине. Ставот на првиот човек на Барселона е јасен – клубот се соочува со сериозни финансиски проблеми, одлагањето на проектот Супер-лига придонесува и доцнење на таа финансиска инјекција што Лапорта со нетрпение ја очекува. Згора на тоа, елиминацијата од ПСЖ значеше и губење на местото на клупскиот мундијал на ФИФА што требаше да донесе 50 милиони евра во касата на каталонскиот гигант.

Поради ова, пораката до Чави е испратена – пари за мега-засилувања ќе нема, а за да пристигне некое поквалитетно име ќе мора најпрвин да се продава (на врвот на листата играчи за заминување се Араухо, Де Јонг, па дури и Левандовски). Во ситуација кога се очекува Реал Мадрид дополнително да го засили својот тим со Мбапе од ПСЖ и со Дејвис од Баерн Минхен, прашање е колку Чави може да парира на „кралската машинерија“, па интересно ќе биде во наредниот период да видиме дали тој ќе остане на ставот за заминување или ќе се премисли и ќе ја води Барселона и во сезоната 2024/25.

Се вчитува...