Откако умре нејзиниот негувател, угина и последната жирафа во Зоолошка градина Скопје

Неколку часа откако беше објавено дека почина 44 годишниот Ристе Трајковски, чуварот и негувател во скопската Золошка градина, угина и последната жирафа, Флопи. Ова го потврди Стефан Кирков од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше еден од кандидатите за нов директор на ЗОО Скопје.

На социјалната мрежа Фејсбук пријателите се простуваат од прерано починатиот Ристе.

„Рики друже, чувај ги горе Каспер и Тобого. Ќе фалиш“ – напиша неговата пријателка Тина Мицковска.

Угинувањето на жирафата Флопи е последниот во низата немили настани што се случија изминатиот период во институцијата. Од салмонела почина жирафата Каспер, со силен отров беа отруени ретките пржевалски коњи, а зоолошката го изгуби и статусот за кандидат во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми – ЕАЗА.