Финансии / Банкарство

СКАНДИНАВСКИТЕ ЗЕМЈИ СЕ НАЈПОДГОТВЕНИ ЗА ПЛАЌАЊЕ БЕЗ ГОТОВИ ПАРИ

26.11.2024

Земјите од северниот дел на Европа се најподготвени за иднината за безготовински трансакции, додека најслаби се Ерменија, Грузија и Германија, покажуваат податоците од Светската банка, Евростат и други јавно достапни информации кои ги објави норвешкиот сајт  „Финанспласен“.  Во анализата се користени податоци за бројот на банкоматите и терминалите за плаќање на 100.000 луѓе, лимитот за безготовинското плаќање со картички и процентот на населението кое користи интернет банкарство.

Норвешка е најдобро подготвена за иднината без користење на готови пари во оптек, а земјата има најмалку банкомати, но околу 96 отсто од населението користат интернет банкарство. На второ и трето место се Финска и Данска, кои имаат повеќе банкомати од Норвешка и помалку терминали за плаќање, но со приближен процент на корисници на интернет банкарство.

Во првите десет земји се и Холандија, Шведска, Исланд, Естонија, Литванија, Кипар и Швајцарија.

Според Оле Петерсон експертот за лични финансии, поголемата раширеност на безготовинското плаќање во Скандинавските земји  е поради природната конфигурација на земјата со ретко населени подрачја  и тешки временски услови, кои го отежнува традиционалниот начин на плаќање. Дополнително влијание имаат и високиот степен на доверба во јавните институции и помалата популација која овозможува и полесна примена на нови политики. Сепак, властите во Норвешка и во Данска инсистираат на зачувување на дел од плаќањата во кеш, посебно како превентива  од евентуални дигитални напади или подолги исклучувања на струјата, пренесува „Бизпортал“.


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО