Јо Џонг: САД и сојузниците ќе бидат во опасност ако продолжат да ѝ се закануваат на Северна Кореја

Ким Јо Џонг, влијателната сестра на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун, изјави дека нејзината земја ќе продолжи да гради надмоќна и најсилна воена сила за да го заштити својот суверенитет и регионалниот мир, објави во средата севернокорејската новинска агенција KCNA.

Соединетите држави и нивните сојузници ќе бидат во опасност доколку продолжат да ѝ се закануваат на Северна Кореја, бидејќи Пјонгјанг има намера да ја зајакне својата воена моќ, се истакнува во изјавата на Ким Јо Џонг, која е земеник-претседател на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја.

„Судејќи само според различните воени вежби што САД, заедно со Јапонија и марионетската Република Кореја (Јужна Кореја) постојано ги спроведуваат против нас речиси секоја седмица, тогаш сосема е можно да се дознае причината што ситуацијата во регионот достигнува точка на тензија, како запален детонаторски кабел, Оваа година, САД, заедно со своите сателити, спроведоа воени вежби повеќе од 80 пати, а марионетската Јужна Кореја повеќе од 60 пати“, ја цитира Ким агенцијата KCNA.

Ким рече дека серијата воени вежби на американската војска во регионот оваа година, почнувајќи со вежби спроведени со „јужнокорејски марионетски воени гангстери“, опасно ја нарушуваат регионалнoто безбедносно опкружување.

„Ќе продолжиме да ја градиме најголемата и најмоќната воена сила за заштита на нашиот суверенитет, безбедност и регионален мир“, ја цитира КCNA нејзината изјава.

Ким Јо Џонг истакна дека некои вежби на Соединетите држави и нивните сојузници имаат за цел да развијат „сценарио за нуклеарна војна против Северна Кореја“. Според неа, Јужна Кореја „веднаш ќе биде поразена“ доколку се осмели да употреби оружје против Северот.

Војските на САД и Јужна Кореја изведоа серија вежби со поголем обем и интензитет во последните месеци, а челниците на двете земји се обврзаа да ја подобрат борбената готовност против наводните воени закани од Северна Кореја. Околу 100 воени авиони извршија двонеделни воздушни вежби овој месец, соопшти јужнокорејската војска.

Северна Кореја вели дека американските воени вежби се подготовки за инвазија и нуклеарна војна против неа. Вашингтон и Сеул, пак, тврдат дека вежбите имаат одбранбен карактер и се спроведуваат редовно за да се одржи подготвеноста.