Арсоски: Македонската армија и полиција мора да се деполитизираат!

42

Македонската армија и полиција мора да се деполитизираат и департизираат! Ние од ЗНАМ имаме намера да воведеме целосна професионализација и департизација на сите безбедносни, разузнувачки и контраразузнувачки служби и нивно фокусирање исклучиво на мисиите и задачите за кои се формирани, во служба на безбедноста и стабилноста на државата, порача потпретседателот на партијата и носител на листата во ИЕ3, генерал-мајор во пензија, Павле Арсоски. Арсоски, на вчерашната прес-конференција рече дека програмата на ЗНАМ „Проглас за достоинствена Македонија“ сериозно го обработува делот на безбедноста и одбраната на државата, затоа што нема просперитет на една нација и држава, нема инвестиции и економски развој без мир и стабилност.

-Во „Прогласот за достоинствена Македонија“  јасно ги посочуваме аномалиите во безбедносниот и одбранбен сектор и ги наведуваме нашите решенија за истите. Недозволиво е униформата и струката да се изземат од одлучувањето за кариерен развој на војниците и полицајите, за нивното вработување, школување и усовршување, за учество во операции надвор од државата и секакво друго одлучување од делот на службата, а сето тоа наместо нив да го преземат партиските носители на политички функции, истакна Арсоски.

Потпретседателот на ЗНАМ посочи дека програмата предвидува подобрување на условите за работа и стандардот на вработените во Армијата и полицијата, инвестирање во модернизација на нивната опрема и особено на враќањето на достоинството и угледот на униформата во Македонија.

-Во постојана комуникација со војниците и старешините од АРМ, со синдикатите во одбраната и особено со синдикатот на професионални војници во „Прогласот за достоинствена Македонија“ предвидовме конечно и трајно, системски и со закон, решавање на статусот на професионалните војници, кои се веројатно единствена категорија на вработени во државниот сектор со статус на определено време во текот на целата кариера. Нашата намера како крајна цел е тие да имаат статус и права како и останатите вработени во Армијата. На војниците им е доста од игнорирањете на нивниот статус, особено се несериозни ад-хок ветувањата кои ги слушаат деновиве. Власта на СДСМ и ДУИ имаше долги 7 години да го реши овој проблем и не го стори тоа. Ние од ЗНАМ ќе го решиме ова прашање, рече Арсоски.

Тој истакна дека ЗНАМ е политичка опција која раѓа нова надеж кај граѓаните и дека се цврсто решени да ја вратат вербата на граѓаните во институциите на системот, надежта во подобар живот и подобра иднина на генерациите што доаѓаат и вистинскиот патриотизам и љубов кон татковината, затоа што нема просперитет на една нација и држава, нема инвестиции и економски развој без мир и стабилност. Арсоски ги повика граѓаните на 8 мај масовно да излезат на изборите, да гласаат по сопствено убедување и со заокружување на бројот 7 да ја потврдат поддршката и довербата во ЗНАМ.