Образложувајќи го предлогот, Дамева рече оти воочила дека има одредени процедури во работата на Судскиот совет, кои, како што кажа, воопшто не се обновени, а има и такви што воопшто не се изготвени. Таа кажа дека ова нема да биде брз процес, но оти мора да почнат и сите заеднички да покажат ажурност
Судскиот совет на денешната седница формираше петчлена комисија ќе треба да подготви предлог за измени и дополнувања на процедурите за работа на Советот, а во функција на негова поголема ажурност.
Комисијата ќе ја сочинуваат тројца членови на Советот – Мирсад Суроји, Миљазим Мустафа и Лорета Горгиева, кои беа избрани по пат на ждрепка, а другите двајца се генералниот секретар на Советот, Весна Томева, и државниот советник во ова тело, Анита Андоновска.
Формирањето на комисија за измена и дополнување на процедурите за работа на Судскиот совет, како точка на дневен ред се најде на предлог на претседателката на Советот, Весна Дамева, која за овие чекори ги најави на брифинг со новинарите во петокот, а во контекст на подобрување на ажурноста на Советот и во насока на исполнување на препораките на оценската мисија на Европската комисија, под чија лупа беше ова тело минатата година.
Образложувајќи го предлогот, Дамева рече оти воочила дека има одредени процедури во работата на Судскиот совет, кои, како што кажа, воопшто не се обновени.
„Имено, ова ми се начна како размислување, имајќи ја предвид ажурноста на Судскиот совет, тоа го кажав и на брифинг со новинари и воочив за овој краток период дека одредени процедури воопшто не се да кажам апдејтирани. Има процедури коишто не се изготвени, значи има процедури коишто треба да претрпат одредени измени и дополнувања. Еве, на пример, при движење на предметите за оцена (на судии), при евидентирање на барање во систем и сл. Така што мој предлог е да се формира комисија за да изврши ревидирање, односно измена и дополнување на тие процедури, а за оние движења, на оние предмети за кои нема процедури да бидат изготвени нови. Ова е во интерес на ажурноста на Судскиот совет и се надевам дека на сите вас ќе помогне“,
рече Дамева.
На нејзин предлог беше утврдено комисијата да има три члена од редот на членовите на Советот, а дел од неа да бидат и генералниот секретар и државниот советник.
„Генералниот секретар ќе ги обезбеди оние процедури што ги имаме, а оние што ги немаме ќе ги нотираме, па потоа ќе се работи. Меѓутоа, кој и да бидат членови на оваа комисија сите заеднички ќе работиме. Сепак, формално мора да има комисија како прелагач на тие измени, а секако тука помош ќе ни понудат и експертите од проектот на Европската Унија“,
рече претседателката на Судскиот совет.
Нејзиниот колега, односно членот на Советот, Мирсад Суроји, пред ждребувањето рече дека тој првично барал да има две комисии, но со предлогот во неа освен членови на Советот да учествуваат и генералниот секретар и државниот советник, односно една комисија со пет члена ќе биде доволна.
Суроји, кој беше единствен кој зеде збор во расправата по оваа точка, меѓу другото, кажа дека според него ќе има многу работа.
Дека ова нема да биде брз процес со него се согласи и Дамева, која додаде дека сепак мора да почнат и сите заеднички за да покажат ажурност.
„Убедена сум во тоа и затоа е добро да се ревидираат тие процедури“,
рече Дамева.
„Констатирам дека донесена е одлука со којашто се формира комисија од членовите на Советот – Мирсад Сурои, Миљазим Мустафа и Лорета Горгиева, генералниот секретар Весна Толева и државниот советник Анита Андоновска кои се задолжени да ги проверат сите процедури на Советот и да се утврди потребата за нивна измена и донесување нови процедури и да го известат Советот“,
рече претседателката на Судскиот совет по ждребувањето за избор на комисијата од редовите на членовите на Советот.
Инаку, Дамева во петокот на брифинг со новинари најави промена на Деловникот на Судскиот совет со која ќе се намалуваат роковите за движење на предметите, а ќе се кратат и роковите за одлучување. Овие измени, како што најави претседателката на Судскиот совет, се предвидени со новата комуникациска стратегија, со кои треба да бидат решени пет од препораките на оценската мисија на ЕУ.
Изработката на стратегијата, рече Дамева, е дел од акциски план за спроведување на препораките на оценската мисија на Европската Унија за функционирање на Судскиот совет, изработен во јануари, годинава.
Измени, како што најави претседателската на Судскиот совет, ќе има и во правилникот за бодувањето на судиите за избор во повисоки судови. Во таа насока ќе мора да има образложение на избор и неизбор на судија, а одлуките ќе треба да бидат индивидуализирани, да се засноваат на објективни стандарди и да бидат конзистентни и компаративни.
Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање. Препораки, како што информираа тогаш на брифинг во Делегацијата н ЕУ, се групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.
Седумнаесет препораки од вкупно 40 се однесуваат на подобрувањето на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени без никакви уставни и законски измени, нешто што е неопходно за преостанатите 23.
Од овие 17 препораки за Судскиот совет, седум се однесуваат на транспарентноста, а преостанатите десет на изборот и унапредувањето на судии, што е и клучната функција на Советот.
Останатите мерки што ги препорачува оценската мисија во својот извештај, а за кои се потребни уставни и интервенции во законите, се однесуваат на прашањата што дефинираат кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот на членовите, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот.
Оценската мисија на ЕУ беше составена од тројца правни експерти од Хрватска, Белгија и Италија и престојуваше во земјава во септември минатата година, кога направи анализа на правната рамка и имаше средби со сите релевантни институции, како и експерти од невладиниот сектор.