Фудбал, химна и протест

25.11.2022 02:45
Фудбал, химна и протест

Камерата полека поминуваше покрај фудбалските играчи. Ги гледавме еден по друг, додека крупниот план покажуваше ист одлучен израз на лицата. Не мрдна ниеден мускул, устите им беа стиснати. Десет млади момчиња во црвени дресови и еден во син дрес стоеја рамо до рамо во големиот момент.

Тешко е да се знае што се одвиваше во нивните глави. Уште потешко е да се знае како дојде до тоа: кога се договориле дали сите веднаш се сложиле, кој иницирал, кој се обидел да ги одврати и дали на почетокот некој одбил? Се интонираше химната на нивната земја, Исламската Република Иран, а нивните усти останаа неподвижни. Во Доха се случи одлучувачки момент и нивното молчење ја надгласа вревата на стадионот. Сите молчеа како еден и тоа молчење одекна низ целата планета.

Не знаеме што ќе се случи со овие фудбалери кога ќе се вратат, ако се вратат, во својата земја. Веројатно веќе никогаш нема да играат за Иран. Ризикот што го преземаа е огромен и затоа добија големо уважување во целиот свет. Дури и ние во Израел бевме зачудени. Тука знаеме да ја цениме храброста, но само кога се работи за противниците на режимите во други земји. Она што се случи во Доха никогаш нема да се случи со репрезентацијата на Израел, зашто веројатно и нема да се пласираме на Мундијалот.

Арапските играчи во нашата репрезентација, навидум заради зборовите во текстот кои им пречат, не ја пејат нашата химна. Но причината е многу подлабока: и тие се противници на режимот кој промовира еврејска надмоќ додека пее како „еврејската душа копнее“ во земја во која живеат два народи. Ризикот кој го преземаат на себеси не пеејќи ја химната не е голем. Никој нема да ги исфрли од тимот, за апсење нема ни збор. Притоа, не треба да се преувеличуваат разликите помеѓу режимот во Иран и овој во Израел. Кај нас во задниот двор се одвива тоталитарна диктатура како иранската додека во предниот, во кој живеат и арапските играчи на фудбалската репрезентација, се одвива таканаречениот слободен живот.

Кога Бибрас Начо не ја пее химната „ХаТиква“ на никој од неговите соиграчи нема да му падне на ум да покаже солидарност и да се придружи на неговата борба. Кога Мунас Дабур за време на воената операција со Газа „Чувари на ѕидините“ го цитираше Куранот: „Не мислете дека Алах ги затвора очите пред сторителите на злосторствата“, по казна беше отстранет од репрезентацијата. Никој не застана во негова одбрана. Сè уште не се родил еврејски фудбалер кој би се идентификувал со угнетеното малцинство. Еврејските играчи во репрезентацијата, како и поголемиот дел од персоналот и навивачите, се натпреваруваат кој ќе покаже поголемо родољубие против припадниците на нашиот режим.

Во Иран дисидентите се јунаци, кај нас предавници. Кај нас сите, од Ејал Беркович до Еран Захави, сметаат дека капитен на репрезентацијата не може да биде некој што не ја пее химната. Ако имавме само малку подобри еврејски играчи би имале тим чии членови хорски ја пејат химната и целата репрезентација би била составена само од Евреи, како што ѝ доликува на еврејската држава.

Оние кои ги насолзија очите на настапот на иранската репрезентација во Доха треба да изразат почит и кон Начо и Дабур. Оние кои им се воодушевуваат на иранските играчи треба да бидат искрени кон себеси и да признаат дека во еврејскиот Израел нема толку храбар протест и дека нема солидарност со угнетените. Ајатоласи не постојат само во Иран, а брутален режим кој угнетува, лишува од права и убива невооружани демонстранти не постои само на улиците на Техеран. Не мора да имаме ајатоласи за да се побуниме - и животот во воена диктатура е доволна причина за протест.

Во Доха видовме што значи храброст. Но во Израел немаме само проблем со недостаток на храброст, туку се работи за нешто многу полошо. Повеќето играчи од репрезентацијата, како и повеќето Израелци, воопшто не сфаќаат зошто би се бунтувале. Животот е прекрасен и Израел е единствената демократија во регионот. Зарем тука некој убива демонстранти? Полудевте? Арапите треба да се благодарни зашто им се дозволува да играат за нас. Нека протестираат Иранците, а ние ќе ги бодриме од публика.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото