Дали е можен бојкот во вториот круг од претседателските избори – одговара Силјановска-Давкова


Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова, не знае колку се вистинити гласините за можен бојкот во вториот круг од претседателските избори. Една од варијантите што се спомнува е бојкот – јавен или тивок – од партиите на Албанците со цел изборите да не успеат, а тие да наметнат избор на шеф на државата во Собранието.

Во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ1, таа рече оти тоа е еден од парадоксите на косоцијативната демократија.

„Пет мислења има на Венецијанска комисија и на ОБСЕ/ОДИХР дека во втор круг мора да се тргне цензусот, бидејќи е бесмислен. Кога двајца кандидати одат во втор круг – еден мора да биде избан. Ако во Франција, замислете во полупретседателски систем, тогаш за Македонија, особено. Значи, мора да ги тргнеме тие политички пазари, пазарна политика не е политика“,вели Силјановска-Давкова.

Таа смета дека критериуми, како двојни мнозинства, може да има во политиката, ама никако во судството, ниту во процеси во кои треба граѓанинот да гласа.

„40 отсто, можно е – да, јас не знам, не мислам дека ние сме тие кои се плашат, затоа и парламентарните избори се заедно, но сè е можно во оваа земја“,вели таа.

На прашањето – што ќе биде успех за неа в среда и зошто ВМРО-ДПМНЕ престана да зборува за тоа дека очекува оти таа ќе води со 100 000-120 000 гласови разлика, Силјановска-Давкова одговара:

„Не престана. Еве, вчера, на митингот во Гази-Баба, рекоа дека тоа ќе биде големо мнозинство. Видете сега, граѓаните имаат можност да споредат. Ова не е прв мандат на господинот Пендаровски, туку втор. Не видов јас извештај, не можам да ја видам ни минатата програма со шесте темели, за да споредам. Значи, тоа е за него нешто што е минус. За мене, работата од четири години во парламентот е голем плус. Јас покажав дека таму може да се биде активен, одговорен, земјата надвор да ја прикажете поинаку, со почит да се однесуваат со вас, да критикувате, да бидете свои и мислам дека граѓаните тоа го препознаваат“,рече таа.

Гордана Силјановска-Давкова е една од седумтемина кандидати на претстојните претседателски избори. Првото „одмерување“ на силите меѓу нив е закажано за 24 април. Вториот круг, пак, во кој ќе продолжат само двајца, е на 8 мај.

Back to top button
Close