Костадиновска-Стојчевска: Со шест милиони евра во следните три години, Турскиот театар добива современ и опремен дом, достоен на реномето

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска при увидот во градежните работи на Турскиот театар, потенцираше дека со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар, обезбедена е гаранција наскоро театарската екипа на оваа установа да има свој дом.

„Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот, за што во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 година) се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра, односно 380 милиони денари”, рече Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик.


Костадиновска-Стојчевска додаде дека дополнително, со постојаното зголемување на платите на културните работници, кое достигна до 52 проценти во изминатите години, како што рече, „покажуваме почит кон вашето достоинство и труд и ве мотивираме да продолжите со успешните проекти”.

Министерката за култура информираше дека од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени милион и седумстотини илјади евра или 104 милиони денари, а напредокот во изградбата на објектот е забележителен, особено во делот на фасадата и на покривот, додавајќи дека за сето она што сега е реализирано беа издвоени 4,4 милиони евра, или 274 милиони денари.


Костадиновска-Стојчевска, истакнувајќи ја важноста на Турскиот театар, порача: „Нам отсекогаш ни се важни културните и јазичните различности кои нашата држава ја прават уникатен мозаик. Турскиот театар настојувал да ги промовира таквите вредности и да придонесува кон позитивни промени во општеството”.

Министерката за култура додаде дека е чест, но и голема одговорност, процесот со градежните активности да се одвива професионално, стручно и квалитетно, потенцирајќи дека Владата е одлучна сите започнати објекти од културата да ги заврши со максимален квалитет и во транспарентна постапка.


„Активно се работи и на реконструкција на голем број културни центри кои со години биле запоставени, а сето тоа со крајна цел – да продолжиме да ги подобруваме работните услови на културните работници, и понатаму да овозможуваме поголема и поквалитетна содржина за публиката и заеднички да го промовираме театарот”, рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека инвестирањето во културата е нашиот влог во иднината и во развојот на македонската култура и идентитет.

Директорката на НУ Турски театар, Ајлин Емин Скоро, во изјавата за медиумите посочи дека Националната установа Турски театар работи, функционира, твори, цели 74 години во нашата земја, а веќе 10 години работи и твори под еден покрив и на иста сцена со Театарот „Комедија”.

„Објектот што се гради е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува, ќе ги афирмира и јазикот и културата на турскиот народ овде”, рече Емин Скоро, дополнувајќи дека започнува третата фаза, односно во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации: механика, електрика, машинство и водовод и канализација.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …