Пендаровски: Само членството во ЕУ ќе го запре иселувањето

од Nikola Popovski

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вчера беше меѓу граѓаните на ошштините Чешиново-Облешево, Виница и Кочани. Пред граѓаните, Пендаровски ја претстави својата визија и приоритети за претстојниот мандат потенцирајќи дека главен предуслов ќе биде продолжување на евроинтегративниот процес и дека само со членство во ЕУ ќе се запре иселувањето на младите.

„Имате само една единствена гаранција, дека Македонија ќе оди и понатаму кон развиениот свет, и ќе биде дел од Европа за многу кратко време. Со заокружување на бројот 1, немојте да ги гледате другите бројки на ливчето. Ова што ви го кажувам јас, особено бројот два, ве носи назад во рециклажа на режимот. Само нивниот шеф, Груевски го нема. Сите се исти и исти политики ќе тераат ако случајно дојдат повторно на власт” порача Пендаровски во Кочани.

Пендаровски истакна дека во претходниот мандат покажал што значи да се биде претседател за сите граѓани, без да прави какви било поделби, додавајќи дека така ќе продолжи и во следниот мандат.

„Во изминативе 5 години како претседател она што ви го ветив пред 5 и пред 10 години овде, мислам дека до последната буква го реализирав. Според мене, не можеш да се нарекуваш претседател на сите граѓани ако навистина сите граѓани не ги третираш на еднаков начин и сите граѓани да бидат еднакви со претседателот. Во изминативе 5 години секој од вас што побарал помош од претседателот, бил удостоен со прием, со разговор и со поддршка” рече Пендаровски.

Одговарајќи на прашања од граѓани, Пендаровски рече дека во следниот период мора да се започне со сеопфатен ветинг на судии, обвинители, но и на политичари и дека само на тој начин ќе се врати довербата во судството која паѓа од година в година.

Слични содржини