Обвинителството примило известување од ОЛАФ дека Димова не злоупотребила европски пари, но продолжува да ја гони

by Fokus

Обвинителството за гонење на органзиран криминал и корупција го примило известувањето од ОЛАФ-Европската канцеларија за измами дека во случајот за којшто и се суди на поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова нема проневерено европски пари, но сепак продолжуаат со гонење затоа што според Обвинителствто,  Димова не го почитувала Законот за јавни набавки.

Од Обвинителството не објаснуваат дали после ова извесување, штетата од 320 илјади евра за којашто се гонат, Димова, нејзиниот поранешен соработиник,Александар Гочев и поранешната благајничка во Агенцијата, Ана Павлиду ќе биде иста.

Според нив, известувањето од ОЛАФ не влијае на оваа постапка, а Димова се гони за непочитување на Закон којшто не е во надлежност на ОЛАФ.

-Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го има примено документот за кој покажувате интерес. Како што впрочем е наведено и во самиот документ /известување станува збор за постапување на ОЛАФ кое не прејудицира на која било истрага што се спроведува во јавното обвинителство на Република Северна Македонија, па оттука може да се заклучи дека истрагите на ОЛАФ може да бидат само од помош за одредени постапувања на обвинителството, но не и пресуден документ за исходот при гонењето. Во случајов за кој покажувате интерес, првообвинетата се гони за неправилности во постапувањето согласно македонското позитивно законодавство односно непочитување на одредбите од Законот за јавните набавки, нешто што не е во надлежност на истрагите на ОЛАФ, велат од Обвинителството во одговор за „Фокус“.

Според обвинителниот акт,  Димова се гони за злоупотреба на службената положба и измама на штета на средства на Европската унија, а благајничката за несовесно работење во службата. Гочев пак призна вина за измама на штета на средства на Европската заедница и беше условно осуден.

Од Обвинителството сега не прецизираат што ќе се случи со делото измама на штета на средства на Европската заедница ако европската канцеларија за измами не констатирала дека се злоуптребени европски пари во овој случај.

Освен ова, делото злоупотреба на службената положба од став пет по кој се гони Димова веќе не постои откако беа изгласани измените на Кривичниот законик. Измени на Обвинението се очекуваат на завршните зборови.

-Што се однесува до измените на Кривичниот законик, нивното влијание ќе се утврди при прецизирање на обвинението во завршните зборови на предметот, додаваат од Обвинителството за „Фокус“.

ОЛАФ не утврди злоупотреба на европски пари во овој случај, но утврди злоупотреба на 2,2 милиони евра европски пари за кривичната пријава што ја поднесе Димова пред да биде обвинета.

Всушност, наместо за фризерниците и тренирањето на магариња, за што јавно беше линчувана Димова, ОЛАФ бара државата да врати 2,2 милиони евра злоупотребени европски пари за случајот за кој токму таа поднесе кривична пријава.

Додека на Димова сѐ уште ѝ се суди, ОЛАФ бара пари, а сведок тврди дека европските фондови биле злоупотребени преку мрежа на здруженија, компании, туристички агенции и училишта и дека едно се нуди за реализација, друго се спроведува на терен, а трето се запишува во завршните извештаи од спроведените проекти.

Овие злоупотреби, според пријавата, се поврзани со лице кое и претходно злоупотребило европски фондови,а е близок соработник со сегашната национална координаторка, Нола Исмајлоска која гласаше за промена на името. Токму во нејзино присуство, како што тврдеше Димова, поранешниот премиер Зоран Заев, барал од поранешната директорка да ја повлече пријавата.

-Апсурдот е што обвинителството ме гони за злоупотреба на европски пари, а ОЛАФ тврди дека јас не сум направила злоупотреби. Она што ОЛАФ го бара е 2,2 милиони евра од проневерата што ја открив јас, а не наводни средства за кои ме товари обвинителството мене, вели Димова.

Постапката што се води во Обвинителство за злоупотреба на овие 2,2 милиони евра, се уште е во предистрага.

Ф.Ф.С.

Пресврт во случајот со европските пари – Лидија Димова беше линчувана за „фризерниците“ и „магарињата“, а ОЛАФ бара да се вратат 2,2 милиони евра од нејзината пријава!

Поврзани новости