Јован Јосифовски: Домот често не е безбеден за квир децата. Потфрлуваме како општество што дозволуваме луѓе кои ги враќаат епидемиите од минатиот век да го креираат јавното мислење

Пролиферацијата на групи кои постојано повикуваат на „семејни вредности“ и флертуваат со лажен наратив дека семејството е под напад создаваат атмосфера во која семејството се табуизира и под ризик од напад всушност ги доведуваат сите оние кои ќе одлучат да проговорат за насилството и токсичните односи кои некогаш се репродуцираат под розовиот плашт на „семејна хармонија, љубов и заштита“.

Во разговор со уметникот Јован Јосифовски решивме да откриеме една oд десетиците такви приказни.

Приказната на Никола која ја опишуваш во твоето дело од последната самостојна изложба кое го постираше на социјалните мрежи е едно навистина трауматично искуство. Сепак, делото на прв поглед изгледа нежно и оддава впечаток на удобност и сигурност, а зад тоа се крие една насилна релација во семејството на Никола. Како дојде до тоа насилството да го претставиш баш преку перници и во таков сетинг?

Во првата половина од 2023 година направив кратко истражување за животот на возрасни геј мажи (60+) од руралните средини во Македонија за потребите на мојата трета самостојна изложба „Eластично насилство“ во КСЦ Јадро (8ми јуни, 2023), дел од програмата на Skopje Pride Festival: Chronopolitics History, Affects, Utopias. Истражувањето резултираше со собирање на шокантни и трауматични податоци потврдувајќи ми по не знам кој пат дека религиозните фанатици се првите кои ќе го уништат животот на сопственото квир дете, тука треба да се запрашаме какви се и какви ќе бидат последиците од влијанието на црквата во нашата земја. Приказната за Никола стана уште потешка, затоа што почина во незамисливо страшни и незаслужени услови. Бев премногу буквален во приказот на делото инспирирано од неговата приказна. Перниците се „медиум“ преку кој неговите родители физички го злоставувале со удари од нозе и тупаници за да не му остават модрици. Причината за насилството е фактот што Никола бил видно феминизирано геј момче, најчесто го злоставувале во кревет, оттаму и формата на инсталацијата.

Како се одвиваше создавањето на делото, како го контекстуализираш во однос на насилството што се одвива во семејството, во самиот дом, кој не секогаш е безбеден?

Делото за Никола го замислив додека разговарав со него на телефон, ова беше изложба за која многу брзо знаев како ќе биде презентирана. Покрај неговата приказна тука се обработени уште две на истата тема. Поставката на изложбата потсетува на нечија соба, навидум нежна и пријатна, алудираќи на тенденцијата за приказ која ја имаме сите кога некој ќе се појави во нашите домови, но суштината е понекогаш различна, во случајов повеќе од непријатна. Домот најчесто не е безбеден за квир децата, а со подемот на антиродовите движења и коалициите кои се залагаат за „заштита“ на децата прогнозата станува полоша, потфрлуваме како општество што дозволуваме луѓе кои ги враќаат епидемиите од минатиот век да го креираат јавното мислење.

Не секогаш се зборува за односите во семејството кај нас, за другите аспекти, кои не мора да бидат секогаш пријатни искуства во една здрава средина. Колку сметаш дека е потребно да се отворат и тие прашања, да не бидат табу, преку уметноста или на друг начин?

Никогаш доста од отварање на „табу теми“ преку културата но тука имаме многу малку квир уметници, а со тоа и помала видливост. Уметничката сцена е одраз на состојбата во државата, ситуацијата е повеќе од јасна. Надвор од квир уметноста, со исклучок на неколкуте фантастични уметници ние многу често не гледаме издржани концепти во изложбите, напротив, постои преголемо потпирање на техничкиот момент, а скоро ништо во однос на суштината, нема ништо лошо во традиционалните техники но редно е да се даде поголем контекст. Исто, да не заборавиме, ова не се прашања што треба да ги отвараат само квир уметниците, сите нè засегаат темите поврзани со насилство а со пасивноста само се оддржува погрешната страна, не дека се очекува дека некој треба да направи изложба во таа чест, туку постојат многу алтернативи како да се адресираат социјално политичките прашања преку уметничката пракса, можеби почесто треба да си кажуваме меѓу себе дека живееме во 21 век, 2024 година.

 

Преку твоите дела обработуваш теми за кои малку се зборува, преку уметноста допираш до најинтимните и трауматски искуства. Како сметаш дека ова има влијание врз видливоста и искуствата на квир лицата во земјава во рамки на едно општество кое ги става на маргините?

Креативно секогаш сум допирал теми за кои поголемата маса не уверува дека не постојат, или не сака да верува дека постојат, затоа што се косат со хетеронормативноста и со текстот од Библијата кој скоро никој никогаш не го прочитал, освен неколку цитати на Фејсбук, очекувано.

Јован Јосифовски/ Скала магазин

Мислењето на публиката ми е многу битно и уште толку небитно во исто време, со тоа давам комплетна слобода на изразот, банално е во вакво време мојата уметност да биде „допадлива“, не верувам на уметници кои и се додворуваат на публиката со клишеа. Јас сум ретко задоволен, речиси никогаш, со мојата уметност, практично промовирам самокритицизам и баш затоа не можам јасно да видам кој е ефектот на мојата уметност и што предизвикува истата.

Марта Стевковска

фото: Соња Ставрова за Skopje Pride Weekend

Back to top button
Close