Top Sport

Фелипе Маса ја тужи ФИА, ја бара титулата на Хамилтон од 2008 година

Поранешниот возач на Ферари, Бразилецот Фелипе Маса (42) покрена правна постапка против раководството на Формула 1, поранешниот комерцијален директор Берни Еклстоун и први човек на Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА), поради исходот од Светското првенство во 2008 година.

Маса верува дека ФИА ги прекршила сопствените регулативи и дека тој би бил шампион доколку веднаш била покрената истрага за инцидентот на Големата награда на Сингапур, која подоцна станала еден од најголемите скандали во спортот.

Бразилецот, исто така, бара компензација за „значителните финансиски загуби“ кои произлегуваат од, како што велат адвокатите, неуспехот на ФИА, во кои Еклстоун и раководството на Формула 1 биле соучесници.

Тој ја цитираше изјавата на Еклстоун, кој сега има 93 години, дека доколку трката во Сингапур била откажана, „Маса ќе станеше светски шампион“. Еклстоун во изјава за „Ројтерс“, минатиот август рече дека не се сеќава дека ги кажал зборовите што му се припишуваат.

Досегашните обиди за мирно решавање на овој спор не вродија со плод, затоа нема друга опција освен проблемот да се реши со судски процес“, соопштија од адвокатската канцеларија.

Да потсетиме дека за време на таа трка возачот на Рено, Нелсон Пике Јуниор, излета од патеката и се заби во ѕидот, а подоцна беше откриено дека тоа го направил намерно за да му помогне на тимскиот колега Фернандо Алонсо.

Шпанецот ја заврши трката на првото место, но подоцна тој резултат беше поништен поради истрага, па победи Луис Хамилтон, додека Маса, кој водеше пред инцидентот на Пике, заврши на 13. место поради грешка на неговите механичари во боксот.

На крајот, таа трка беше решавачка бидејќи Хамилтон ја освои шампионската титула со 98 бода, еден повеќе од Маса, кој тогаш возеше за Ферари.

Во текот на кариерата, која ја заврши во 2017 година, Маса оствари 11 победи, а вкупно 41 пат беше на едно од скалите на подиумот.

Scroll to Top