Промоција на „Скарбо“ од Јадранка Владова

30

Книгата „Скарбо“, со сите раскази за возрасни на Јадранка Владова, ќе биде промовирана на 19 април, со почеток во 13 часот, во Салата за состаноци на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Кон делотo на значајната македонска универзитетска професорка, писателка и критичарка Јадранка Владова (20.4.1956 – 11.12.2004) ќе се осврнат: Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска и Трајче Стамески.

Книгата „Скарбо“ ги спојува двете подзагубени збирки раскази на Јадранка Владова – „Скарбо во мојот двор“ (првично публикувана во 1986 година) и „Воден знак“ (1990), за кои со децении наназад беше полесно да се пишува, да се зборува или да се слуша отколку да се најдат во книжарниците и библиотеките. Новата публикација е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“.

Јадранка Владова на Филолошкиот факултет во Скопје ги предаваше предметите светска литература и литература за деца. Нејзини најзначајни дела се: „Скарбо во мојот двор“, „Воден знак“, романот „Исток – Запад“ – во соавторство со Небојша Кнежевиќ, драмата „Куќа“, критичката книга „Волшебноста на зборот“ (за возрасни); „Измислување на светот“, „Мојот пријател А.“, „Девојчето со две имиња“, „Гледалото зад огледалото“, „Деца како мене“ – во соавторство со фотографот Владимир Тодоров (за деца); Учебник по македонски јазик за I година гимназија (ПЕКСНАС), Македонско-чешки речник (со група чешки соработници), Основи на демократијата за I одделение, Пристап кон лирската песна за основното образование, Читанка за петто одделение, Македонски јазик и литература за петто одделение, Македонски јазик и литература за шесто одделение.

По академското претставување, за пошироката публика книгата ќе биде промовирана на Саемот на книгата, ден подоцна (20 април), кога се одбележува денот на раѓањето на Владова.