Загадувањето во Охрид годишно зема над 130 животи

Езерскиот град го задушува загаден воздух. Анализите кои ги правеше општинското одделение за заштита на животна средина се шокантни и загрижувачки-во Охрид годишно во просек се губат 133 животи заради изложеност на загаден воздух.Стапките на смртни случаи и хоспитализации заради респираторни болести во периодот 2019-2021 година,се повисоки од националниот просек. Сообраќајот и ложиштата со цврсто и течно гориво предизвикуваат најголемо загадување посебно во зима кога се надминува прагот на канцерогени ПМ10 честички.

„Законски за прагот на надминување на квалитетот на амбиентниот воздух, на пример на ПМ 10 честиците е 50 микрограми на метар кубен. Во Охрид изминатата година имало надминувања на овој праг 36 пати.Од индустријата нема големо загадување, според елаборатите тие се контролирани загадувачи. Најголемото загадување е од сообраќајот и од греењето”, вели Јасмина Момироска од Општина Охрид.

Причина за вака енормно загадување на нашата воздушна бања e и затоплувањето на домовите но и угоститеслките објекти кои користат што ќе стигнат,велат експертите,но голем проблем е и депонијата Буково.

 Штетноста од горењето на неселектиран отпад како од депонија предизвикува најразлични канцерогени материи.Само да спомнам дека додавањето на адитиви во производство на гума при горењето на гумата создава канцерогени материи”-вели  Сашо Точков од Центар за јавно здравје

Општина Охрид изготви план за подобрување на квалитетот на воздухот во кој акцент е ставен на енергетска ефикасност. Покрај субвенционирањето на граѓаните за купување и поставување на клима уреди и сончеви колектори, се предлагаат и низа други алтернативни начини на загревање на домовите.Што се однесува до сообраќајот,регистрирани се вкупно 1960 возила од кои 86% се стари и со низок еуро стандард.Поради тоа општната ќе субвенционира  набавка на велосипеди и електрични скутери,а предвидено е намалување на сообраќајот во центарот на градот.Една од мерките е и зголемен надзор врз отворените градилишта.

Новинар Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста