Германија следната сезона би можела да има шест клуба во Лигата на шампионите

Германија би можела да има шест претставници во Лигата на шампионите следната сезона, потврди во средата главната фудбалската организација УЕФА. Во историјата на елитното клупско фудбалско натпреварување не се случило една земја да има шест претставници.

Таков расплет би се случил доколку Борусија Дортмунд го добие годинешното издание на Лигата на шампионите, без да биде меѓу четирите најдобри екипи во Бундеслигата и доколку Германија добие едно од двете дополнителни места што ќе им бидат доделени на најуспешните земји во рангирањето на УЕФА.

Борусија со елиминацијата на Атлетико Мадрид влезе во полуфиналето на Лигата на шампионите, а за пласман во финалето ќе се бори против Пари Сен Жермен. Тимот од Дортмунд моментално е на петтото место во Бундеслигата, но е израмент по бодовите (56 бода) со четвртопласираниот РБ Лајпциг.

Германија моментално е на четвртото место по клупски коефициент. Англија е убедливо на првото место, а пред Германија се Шпанија и Италија.

Во следната сезона Лигата на шампионите ќе биде проширена на 36 клуба, од сегашните 32 во првиот дел од натпреварувањето, па двете најуспешни нации ќе добијат две дополнителни места.

Во подобрувањето на германскиот коефициент може да помогне и минхенски Баерн, доколку во полуфиналето од Лигата на шампионите би се пласирал преку лондонски Арсенал, како и новиот германски шампион Баер Леверкузен, кој се бори за пласман во полуфиналето на Лига Европа, исто така, против лондонски клуб – Вест Хем Јунајтед.