Штрајкот на приватните специјализанти ставен во мирување

од Nikola Popovski

По една недела штрајк, приватните специјализанти денеска повторно излегоа на протест пред Министерството за здравство. Симболично, собирот почна во 5 до 12. Сепак, донесоа одлука штрајкот да го стават во мирување.

Ваквата одлука е поради, како што велат, пациентите, сензитивноста на периодот и отежнатата работа на клиниките во комплексот „Мајка Тереза”, но секој вторник за време на паузата ќе излегуваат во паркот пред интерните клиники за да потсетат дека треба да се решат нивните барања.

Доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, рече дека јавно се оградуваат од било каква политичка поврзаност и мотивираност. Единствениот мотив за штрајкот, како што посочува,  бил што биле доведени до работ на егзистенција. Таа упати порака во името на своите колеги дека нема да се отстапат додека не се решат нивните барања и дека веднаш по изборите ќе побараат решавање на проблемите.

Владата на седница во вторникот донесе одлука статусот на приватните специјализанти да се решава по изборите со предлог-законски решенија со кои ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.

Носителот на листа во 4-тата изборна единица и екс-министер за здравство, Венко Филипче порача дека во новото Собрание, ќе предложи да се регулира статусот на приватните специјализантите, месечниот надоместок, здравственото осигурување и породилното отсуство.

„На една од првите седници во новоформираниот Парламент по изборите јас лично ќе поднесам амандман со кој законски ќе се регулира статусот на приватните специјализантите, месечниот надоместок, здравственото осигурување и породилното отсуство“, рече Филипче.

Слични содржини