Македонија
Арсовски од ЗНАМ: Ќе го департизираме секторот безбедност и ќе го решиме статусот на професионалните војници
Носителот на кандидатската листа за пратеници за ИЕ 3 од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Павле Арсоски денеска одржа прес конференција на која зборуваше за мерките од нивната програма за паралментарните избори, „Проглас за достоинствена Македонија“, а кои се однесуваат на безбедносните и разузнувачки служби.
Арсоски нагласи дека ЗНАМ е политичка опција која во изминативе месеци ја бранува јавноста, го предизвикува интересот и раѓа нова надеж кај граѓаните на Македонија.
„Тоа се потврди и со бројот на гласови кои ги доби нашиот кандидат за претседател, Максим Димитриевски во првиот круг од претседателските избори. Всушност, над 83 илјади граѓани кои се одважија да ни ја дадат довербата се доказ дека сме на прав пат,тие се наш ветер во грб и им благодариме на сите. Нема да ги изневериме“, рече тој.
Арсоски додаде дека од ЗНАМ се цврсто решени да направат вонредни напори за стабилизиација на државата, за развој на економијата, запирање на иселувањето на младите. Но пред се, цврсто се решени да покажат поинаков начин на практикување на власт, на вистинска служба на народот, да работат посветено и одговорно, чесно и домаќински.
„Со работа, ред и поредок да ја вратиме вербата на граѓаните во институциите на системот, да ја вратиме надежта во подобар живот и подобра иднина на генерациите што доаѓаат. Да го вратиме вистинскиот патриотизам и љубов кон татковината“.
Арсоски рече дека му е чест како на генерал во пензија со големо искуство и како носител на листата во ИЕ-3, да се задржи на безбедносните и разузнувачки служби, како дел од програмата „Проглас за достоинствена Македонија“. Ова, како што рече тој, поради тоа што нема просперитет на една нација и држава, нема инвестиции и економски развој без мир и стабилност и продолжи: „Во „Прогласот за достоинствена Македонија“ јасно ги посочуваме аномалиите во безбедносниот и одбранбен сектор и ги наведуваме нашите решенија за истите. Ние од ЗНАМ имаме намера да воведеме целосна професионализација и департизација на сите безбедносни, разузнувачки и контраразузнувачки служби и нивно фокусирање исклучиво на мисиите и задачите за кои се формирани, во служба на безбедноста и стабилноста на државата. Недозволиво е униформата и струката да се исклучат од одлучувањето за кариерен развој на војниците и полицајите, за нивното вработување, школување и усовршување, за учество во операции надвор од државата и секакво друго одлучување од делот на службата, а сето тоа наместо нив да го преземат партиските носители на политички функции“.
Тој додаде дека во Програмата се предвидени мерки за подобрување на условите за работа и стандардот на вработените во Армијата и Полицијата, инвестирање во модернизација на нивната опрема.
„Во постојана комуникација со војниците и старешините од АРМ, со синдикатите во одбраната и особено со синдикатот на професионални војници во „Прогласот за достоинствена Македонија“ предвидовме конечно и трајно, системски и со закон, решавање на статусот на професионалните војници, кои се веројатно единствената категорија на вработени во државниот сектор уредена со Закон, со статус на определено време во текот на целата кариера. Нашата намера, како крајна цел е, тие да имаат статус и права како и останатите вработени во Армијата, затоа што на војниците им е доста од игнорирањете на нивниот статус, а особено се несериозни ад-хок ветувањата кои ги слушаат деновиве. Власта на СДСМ и ДУИ имаше долги 7 години да го реши овој проблем и не го стори тоа. Ние од ЗНАМ ќе го решиме ова прашање“, потенцира Арсоски. Арсоски ги повика граѓаните во среда, на 8-ми мај, што помасовно да излезат на избори и да ја потврдат поддршката со заокружување на бројот 7 и Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, по онаа што му ја дадоа на кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од Управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните дена сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Османи во Стразбур: Мултилатерализмот останува единствен ефикасен одговор кон предизвиците
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, се обрати на 133-тата сесија на комитетот на министрите на Советот на Европа во Стразбур, при што ја истакна улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.
„Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од разна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите членки, ја носиме одговорноста за неговата ефикасност“, истакна Османи.
На 75-годишнината од постоење, Советот на Европа со нејзините норми и стандарди придонесе за подобрување на животот на граѓаните, чување на човековите права и негување на демократијата и владеењето на правото, рече Османи и го поздрави денешното усвојување на рамковната Конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото, како прв меѓународен инструмент во оваа област.
„Блиската соработка со другите меѓународни организации, особено со ЕУ, ОН и ОБСЕ, при решавање на заедничките проблеми, е од особено значење“, додаде Османи.
За време на престојот во Стразбур, Османи ќе оствари и многубројни средби со свои колеги од разни земји.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.