Златната топка на Марадона за најдобар играч на Мундијалот во 1986 година оди на аукција

by Fokus

Златната топка што му припадна на аргентински фудбалски ас Диего Марадона како најдобар играч на Светското првенство во Мексико во 1986 година, ќе се најде на аукција во Франција во јуни, објави аукциската куќа „Агутес“.

Тоа е првата „Златна топка“ што се продава на аукција.

Иако вредност се уште не е утврдена, се очекува таа да вреди милиони.

Марадона, кој почина во 2020 година, беше капитен на Аргентина на Светското првенство. Постигна пет гола.

Тој Мундијал најмногу се памети по двата гола против Англија во четврт-финалето (2:1).

Марадона го надмина англискиот голман Питер Шилтон кога го постигна првиот гол со крената тупаница, за која подоцна рече дека е „Божја рака“.

Вториот гол, кога помина пет англиски играчи од аргентинската половина, беше прогласен за гол на векот.

Дресот кој го носеше тој ден, заедно со топката, веќе се продадени на аукција.

Марадона ги постигна двата гола во полуфиналето против Белгија (2:0), а Аргентина на крајот победи со 3:2 против Западна Германија.

Наградата „Златна топка“ беше воведена на Светското првенство во Шпанија во 1982 година, а таа му припадна на Италијанецот Паоло Роси, херојот на тој Мундијал.

Наследникот на Марадона во репрезентацијата, Лионел Меси е единствениот кој двапати ја има добиено оваа награда.

Преку истрага, „Агутес“ ја утврдил автентичноста на Златната топка на Марадона, која му била врачена во Париз во ноември 1986 година, неколку месеци по Светското првенство, а која ја претставува топката „Ацтека“ на Адидас што била користена во играта.

Поврзани новости