YouTube апликацијата на телевизорите добива нова анимација која се прикажува при вклучување на апликацијата, како и звук кој ќе ја направи препознатлива. Вакво нешто е карактеристично за Netflix апликацијата, а нема кој не го знае „тудум“ звукот.
Од Google истакнуваат дека првичната идеја зад развојот на новиот звук била да се пушти нешто живописно, привлечно и лесно препознатливо, дури и ако корисникот не гледа кон телевизорот.
За развојот на звукот била ангажирана компанијата Antfood која е позната во САД и има работено со доста други големи компании. Google дава големо значење на новиот звук, па објавата преку која се најавува има детално објаснување за тоа како е развиен секој дел посебно и што треба да им пренесе на корисниците.
Звукот и анимацијата можете да ги погледнете во продолжение, а ако ве интересира деталниот процес на развој, можете да го прочитате тука.
Ажурирањето на апликацијата кај сите корисници ќе потрае неколку месеци, како и обично, што значи не треба да ги очекувате новата анимација и звукот веднаш.