Вработените во култура стравуваат дека власта ќе им ги скрати загарантираните 10% покачување

Вработените во култура стравуваат дека власта ќе им ги скрати загарантираните 10% покачување

Вработените од Министерството за култура ја обвинија власта дека не сака да им го даде загарантираното покачување од 10% и дека намерно ги залажува со покачување на платите од само 2%.

Тие обвинија дека уште минатата година им смислиле времени решенија од 6 месеци кои денес истекоа и дека реално, сега наместо 12% кои им следуваат со општиот колективен договор и колективниот договор со Министерството за култура, ќе добијат само 2% покачување.

„Десетте проценти од општиот колективен договор кои важеа за цела земја доживотно за цела јавна администрација, не важат за нас вработените во културата затоа што ни смислија времени решенија од шест месеци кои денес истекоа. Сега истите поединци, директори, раководители, министри не убедуваат дека немаме право на покачувањето од општиот колективен договор бидејќи со покачувањето на минималната плата ќе земеме 12% покачување според колективниот договор за култура. Тука е замката на реториката, нема да земеме 12% за месец парт реално е само два проценти покачување. Иако според сите закони од правната држава ни следуваат десетте проценти од општиот колективен договор и покачување од растот на минималната плата според колективниот договор за култура. Ова го знае министерката и сите кои стојат зад овие сценарија, ако пројде, пројде. Сакаат преклопување на две засебни права“, рекоа од Синдикатот на култура во Македонија.

Културните работници поддршка добија од првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, кој рече дека од Министерството можеле решението кое го имаат да го дополнат или пак корегираат и да наведат што точно ќе добијат работниците кога ќе ги потпишуваат договорите.  

„Основната бруто плата се зголемува за 10%, а на основицата за пресметка по коефициет за сложеност. Не може да им дадете пред шест месеци решенија во кои 20.175 денари им ги зголемувате за десет проценти и потоа им ги пресметувате по коефициент на сложеност. Ако е така тогаш тоа треба да го зголемите за 10%. Два плус два се секогаш четири. Апелираме да наведат што точно ќе добијат овие луѓе од културата. Ако останат на несериозното решение, чекорите нема да бидат мирни и разбирливи. Дојдовме тука да разбереме нешто што не се разбира. Ако некој смета дека добиените 10% од септември дека сега ќе ги минусира и да им даде само 2% покачување е смешно на плати од 78% кај функционерите“, рече претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов.

И додека културните работници стравуваат за нивните покачувања, министерката за култура Бисера Костадиновска убедува дека вработените нема да ги изгубат загарантираните 10% кои им следуваат и дека ништо нема променето во општиот колективен и договорот со Министерството за култура.

„Во самото решение стои дека се утврдува основна бруто плата по следни основи: Минимална бруто плата согласно закон и Општ колективен договор, коефициент на сложеност согласно колективниот договор во култура и вработениот има право на 0,5% додаток на основна бруто плата за секоја година работен стаж најмногу 20%. Овие компоненти се непроменети, нема промена во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на културата. Единствена промен а е што во диспозитивот е минималната плата. Таа менлива според законот за минимална плата и затоа стои во диспозитивот. Колективниот договор не е променет и затоа стои во диспозитивот. Колективниот договор не е променет, туку само минималната плата, да не се шират шпекулации и теории на заговор. Последниот пат кога се доби 10% покачување беше септември 2023 година, а за цела година беше вкупно 21% покачување. На крајот е фер да кажеме дека за четири години од 2022 година до 2023 година покачувањето на платата на културните работници почитувајќи ги двата договори изнесува 40%, а со ова покачување во март е вкупно 52%“, рече министерката Костадинова Стојчевска.

Инаку синдикатот најави протести и поднесување на кривични пријави за сите кои ќе изготват решенија за плата со скратени права, а ја повикаа и министерката да достави законски упатства за пресметка на плата. 

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста