Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск ги повика завојуваните страни во Украина и Газа да преговараат за мир бидејќи „договорениот мир е подобар од бескрајна војна“.

-Ги молам, земјите во војна, сите нив, прекинете ја војната. Барајте преговори, барајте мир, рече папата во интервју за Си-Би-Ес Њуз.

Папата кажа дека секојдневно е во контакт со свештениците од Газа за да ги праша за нивните искуства и дека може да помогне да се постигне мир само преку молитва.

Зборувајќи за влијанието на војната во Украина врз децата, папата додаде дека „тие деца заборавиле како да се насмевнат“.

-Многу е тешко кога детето ќе заборави да се смее. Тоа е многу сериозно, додаде првиот човек на римокатоличката црква.