Оваа година, „Златниот објектив“, по одлука на Управниот одбор на Кинотеката, ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов, режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја има задолжено националната кинематографија како со својот наградуван филмски опус така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование. Свеченото врачување на „Златниот објектив“ на еден од доајените на филмската уметност, Столе Попов, ќе се одржи кон крајот на мај, во просториите на Кинотеката

Македонскиот режисер Столе Попов е добитник на годинашната награда „Златен објектив“, која ја доделува Кинотеката на Македонија, по повод својот роденден, 29 април. Како што посочуваат оттаму, оваа година, „Златниот објектив“, по одлука на Управниот одбор на Кинотеката, ќе му биде доделен на Столе Стојан Попов, режисер, сценарист, продуцент и автор, кој во голема мера ја има задолжено националната кинематографија како со својот наградуван филмски опус така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование. Свеченото врачување на „Златниот објектив“ на еден од доајените на филмската уметност, Столе Попов, ќе се одржи кон крајот на мај, во просториите на Кинотеката.

Столе Попов, фото: П.Стојановски

Столе Попов е роден во 1950 година, во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Има снимано уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – „Оган“ (1974) и „Австралија, Австралија“ (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Во 1978 година, се вработи во „Вардар филм“ и веќе следната, 1979 година, со „Дае“, документарецот за ромското население во Скопје, стана првиот македонски автор што е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонската туку и на југословенската кинематографија. Првиот негов игран филм, „Црвениот коњ“, го реализира во 1981 година. Потоа следуваа долгометражните филмови „Среќна Нова ‘49“ (1986), „Тетовирање“ (1991), „Џипси меџик“ (1997) и „До Балчак“ (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“.

„Црвениот коњ“

Во 2011 година, неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание, што воедно беше и прв проект за дигитална реставрација реализиран од Кинотеката.

„Среќна Нова ‘49“

„Речиси сите негови филмови, и документарните и играните, се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив како, на пример, ‘Тетовирање’ и ‘Среќна Нова ‘49’ се здобија и со културен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, а тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето. Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет, заедно со неговата филмска оставина и залог меѓу поновите генерации филмски автори и промислувачи на филмот, кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус и од неговиот високо значаен стилски авторски белег, кој го остава во македонската кинематографија…“, посочуваат од Кинотеката.

Инаку, Кинотеката за свој роденден го одбележува датумот кога е објавен во „Службен весник“ Законот за формирање на оваа институција – 29 април, во далечната 1974 година. Иако формално започнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976, кога ги добива своите први канцеларии и депо и започнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции, сепак, Кинотеката го слави роденденот на 29 април.

„Тетовирање“

Последниве две децении, по тој повод и околу овој датум, Кинотеката ги објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“, кое го доделува на филмски автори и работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

„До Балчак“

Досегашни добитници на ова признание се: режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

На 29 април, сите кинотечни печатени и електронски изданија, значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание „Кинопис“ и сите ДВД-изданија ќе се продаваат со роденденски попуст од 50 %. (Н.И.Т.)