Лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска изјави дека досега ниту еден претставник на ЗНАМ нема водено никакви разговори по основ на било какви можни коалиции со било кој политички субјект.
На прес-конференција во седиштето на партијата во Скопје, Димитриевски рече дека ќе ги причекаат изборните резултати во среда по што партиските тела ќе донесат одлука за сите понатамошни чекори.
– До овој момент најодговорно тврдам дека ниту еден претставник на движењето ЗНАМ – за наша Македонија нема водено никакви разговори по основ на било какв можни коалиции со било кој политички субјект. За жал, ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања за кои тие не успеаја да се надминат себеси и штитејќи ги своите лични интереси ја ставија во залог комплетно социјалдемократијата, а се повикаа на наводно своја социјалдемократија со што не одбија и нас и граѓаните. Немаме разговарано ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со било кој друг политички субјект во државата, рече Димитриевски.
Прашан дали ќе дадат поддршка на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски рече дека неговиот личен став е јасен и дека нема да ја повтори грешката што ја направил на минатите претседателски избори гласајќи за Стево Пендаровски, но дека членовите на партијата треба да гласаат по лично убедување. Според Димитриевски, потребно е да се избере претседател на државата за да се избегне било каква политичка криза.
– Никогаш до овој момент нема изнесено поразлично од она што го соопштив на прес-конференцијата. Тоа што одредени медиуми го лиферуваа и поединци го разбираат како одреден став и кажување, тоа е нивна лична работа и нема да го коментирам. Мојот став е јасен. Имав став и јавно извинување до граѓаните дека го имам поддржано Стево Пендаровски во минатиот мандат и дека таа грешка нема да ја повторам, но тоа е мој личен и издвоен став. Што се однесува до гласањето на членовите на ЗНАМ, ние сме демократска партија и согласно таква демократија во партијата ги повикувам граѓаните по сопствено убедување да се произнесат за оној кандидат на кој сметаат дека треба да му ја дадат својата поддршка, истакна Димитриевски.