Политички хаос во Шпанија: Санчез се заканува со оставка во „писмо до народот“ поради скандалот со сопругата, Вокс го обвинува дека глуми жртва

164
EPA-EFE/Chema Moya

Шпанскиот премиер Педро Санчез синоќа ја изненади целата јавност во земјата со писмо до народот во кое најавува можност да поднесе оставка, за која ќе донесе одлука до понеделник, 29 април.

Драматичната објава на социјалните мрежи дојде точно во 19:09 часот по локално време, откако судот во Мадрид на 16 април отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга Бегоња Гомез, за ​​трговија со влијанија и корупција, која исто така се најде на удар на медиумската кампања и лични напади. Санчез ги суспендираше своите должности, пишувајќи дека мора да застане и да размисли дали сака да продолжи да ја води владата или повеќе би сакал „да се откаже од таа чест“.

Процесот против неговата сопруга е започнат откако антикорупциската организација „Чисти раце“ (Манос Лимпијас) до судот достави материјал за нејзината наводна поврзаност со приватни компании кои добиле пакети државна помош за време на пандемијата на коронавирусот и на кои им биле доделени тендери. Меѓутоа, обвинителството во Мадрид побара да се прекине постапката.

„Не сум наивен. Разбирам дека ја осудуваат Бегоња, не затоа што направила нешто незаконско, знаат дека нема случај, туку затоа што таа е моја сопруга“, пишува во писмото на шпанскиот премиер од левичарската шпанска социјалистичка партија (ПСОЕ).

Порталот El Confidencial објави дека, меѓу другото, се работи за шестгодишен заем од 475 милиони евра од ноември 2020 година исплатен на групацијата „Глобалија“ која се занимава со туризам и која е сопственик на авиокомпанијата „Ер Европа“ со 14.000 вработени. Наводниот конфликт на интереси е дека Гомез го водеше Африканскиот истражувачки центар на Универзитетот ИЕ во Мадрид (Universidad Instituto de Empresa), кој обезбеди спонзорство од Wakalua, компанија наводно поврзана со Globalia. Универзитетот ИЕ негираше дека некогаш добил финансиска поддршка од „Глабалија“.

„Чисти раце“ ги предводи адвокатот Мигел Бернад, кого шпанските медиуми го поврзуваат десницата и кој во својот поднесок до судот напиша дека сопругата на Санчез „препорачувала или поддржувала со својот потпис бизнисмени кои учествувале на јавни тендери“. Обвинувањата, како што пишува Ел Паис, се засноваат на информации од „конзервативни медиуми“ и други сознанија, кои и самиот Бернад ги признава. Интересно е тоа што утрото по објавата на Санчез, Бернад изјави дека извештајот можеби е заснован на лажни информации.

Сега сѐ е на судијата, кој треба да утврди дали се вистинити новинарските информации или не“, соопшти тој.

Исто така, десничарската Народна партија (Partido Popular или PP), која ја има власта во Мадрид, поднесе жалба до Јавната канцеларија за конфликт на интереси, која беше отфрлена, со одговор дека Гомез „нема и немал никаква работа или професионални односи кои вклучуваат извршни, административни или советодавни функции во наведените субјекти“.

Оваа партија на парламентарните избори лани освои најмногу гласови (33,1 отсто), додека уште повеќе десноориентираната „Вокс“ заврши со 12,4 отсто од гласовите. Исто така, десницата ги поддржа протестите на фармерите и ужива сѐ поголема поддршка, додека владата на Санчез зависи од поддршката на каталонските и баскиските националисти.

Градоначалничката на ПП на Мадрид, Изабела Дијаз Ајусо, остро го осуди писмото на Санчез, велејќи дека тоа и штети на шпанската демократија и го спореди премиерот со починатиот венецуелски лидер Хуго Чавез.

„Тоа неславно писмо, кое е помеѓу сентиментализмот и „чавизмот“, е несоодветно за консолидирана демократија и е емоционална уцена на сопствениот народ. Шпанската влада е во рацете на човек опседнат со моќ, рече Дијаз Ајусо во четвртокот на Економскиот форум во Мадрид.

Историја на прозивки против Санчез и напади на неговата сопруга
Конфликтот меѓу Санчез и ПП е втората и „помрачна“ димензија на оваа необична приказна која започна во ноември 2022 година со бизарниот настап на „историчарката на уметност“, Пилар Базелга, која наклонета кон десничарските Вокс и ПП, на ТВ Дистрито имплицираше дека Бегоња Гомез е всушност „Бегоњо“, односно е транссексуалец. Таа, исто така, ја поврза нејзината работа на универзитетот, особено поврзана со Африка, со трговијата со дрога во Мароко. Оттаму, на социјалните мрежи стартуваше виралниот и прилично навредлив тренд „Begoño“, исмејувајќи ја сопругата на Санчез.

Во меѓувреме, на TikTok и X се појави друг тренд наречен „нека Капоте гласа за тебе“ или „Que te vote Txapote“ на шпански, насочен против Санчез (Франциско Хавиер Гарсија Гастелу познат како Капоте е баскиски сепаратист и осуден убиец), кој во февруари го призвои и Дијаз Ајусо и ја повтори на седницата на градското собрание во Мадрид.

Дијаз Ајусо упати груба навреда до Санчез за време на дебатата на Конгресот на пратеници во Мадрид на 15 ноември минатата година, нарекувајќи го „кучкин син“ (hijo de puta). Нејзиниот тим првично се изјасни за виновен, но неколку часа подоцна ја промени верзијата на настаните и му кажа на Ел Паис дека таа всушност рекла „Го сакам овошјето“ (me gusta la fruta). Оттогаш, ПП Мадрид постојано го користи слоганот за овошје за да го исмева Санчез. Тоа се провлекуваше на демонстрации против законот за амнестија, на маици, разновидна рекламна стока, а за време на празничната вечера во ПП по повод Божиќ, беа поделени корпи со овошје.

Демонстрантите против споменатиот закон за амнестија на осуденици организираа и „приредба“ против Санчез кога на новогодишната ноќ со стапови „претепаа“ огромна кукла со неговиот лик. Кореографијата отиде на суд, но судијата одлучи дека нема „злосторство од омраза“, туку дека тоа е прослава.

Реакции на поддршка и осуда на Санчез
Во Шпанија сѐ уште има наплив од реакции на објавата на Санчез, која во голема мера беше мотивирана од споменатите настани и напади на социјалните мрежи против неговата сопруга. Десничарите се особено остри, па лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал изјави дека писмото е скандалозно и неодговорно.

Лидерот на ПП, Алберто Нуњез Феихо, исто така, ја критикуваше одлуката на Санчез, велејќи дека „одговорниот премиер не смее да ја подложи земјата на меѓународен срам“.

Јадрото на PSOE работи напорно за да го убеди Санчез да не поднесува оставка, пишува El Pais. Првата вицепремиерка и министерка за финансии, Марија Хесус Монтеро, утринава рече дека тврдото јадро на Владата е многу фокусирано на донесување одлука Санчез да продолжи да владее, придружувајќи се на многу слични гласови од Владата и партијата.

Исто така, повеќе од 6.400 луѓе веќе потпишаа петиција на платформата Change.org за „поддршка на премиерот“.

Почитуван господине претседателе: Ви пишуваме со најголема почит и благодарност да ја изразиме нашата поддршка за континуитетот на вашиот мандат. Стабилноста и напредокот на нашата земја зависат од цврстината и непоколебливоста на нејзиното лидерство“, стои на почетокот на петицијата, потпишана како „Граѓани на Шпанија“.

Што се однесува до правниот процес против Бегоња Гомез, се огласи претседателот на Високиот суд на Андалузија, Лоренцо дел Рио, кој рече дека тужбата, доколку се базира исклучиво на новинарски исечоци, нема да има ефект.