Интервју со Величковски: 300.000 граѓани ни се иселени за овие 20 години затоа што одбиваат „да платат карта за исто возење“ по втор пат

од Nikola Popovski

Да се подготвиме за „вревлива“ и предвидлива кампања за игнорирање на клучните теми: На прашањето како ќе ја надминат блокадата што сами и ја наметнаа на својата земја за почеток на преговорите, Мицкоски ќе „парира“ со општински проекти за клупи и паркови, вели во кратко интервју за „Локално“, претседателот на Движењето за Нова република, Ивон Величковски за неговите очекувања од изборниот процес во земјава.

Според неговите зборови, досегашната врева без содржина и до сега ги држеше граѓаните на страна од политиката, во однос на тоа дали една ваква црна кампања уште повеќе ќе ги натера граѓаните да седат дома и да не излегуваат на гласање.

-Од моментот кога Ковачевски одби неговата Влада и партија да го закочат интегративниот процес и да ја отворат земјата за малигни влијанија, олигархиските инсталации добија прекоманда: едни „назад во Белата палата“, други во формираат ренегатски партии, посочува Величковски.

Истакнува дека партиите какви што сме навикнати да ги познаваме, веќе не постојат.

-Гласачите бараат политичари со авторитет, а не за авторитарност. Но не ги збунува луѓето, оти макар инстинктивно знаат дека Северна Македонија е дел од НАТО – но и НАТО е во Северна Македонија, посочува претседателот на Движењето за Нова Република.

Формирана е „Коалицијата за европска иднина“ за престојните двојни избори, во која дел е и Движењето за Нова Република. Какви се вашите очекувања од коалицијата и општо од изборниот процес?

-Ако изборите 1994 требаше да произведат решителна политичка власт на независна држава, во 2024 на избори треба да избереме одговорна политичка власт што и фактички економски и правно-политички ќе продолжи да ја изведува евроатланската држава Северна Македонија од статусот на територија на југо-советската тајкунерија. Духот на ПЈРМ е последното прибежиште на овие структури за да продолжат да го контролираат системот корумпирајќи го до блокираност: низ партиите, медиумите и економско-финансиските процеси.

Општеството созреа по овие три децении и како целина и секој од нас поединечно знае пред каков избор е на 8 мај 2024. Едниот избор се јасни политики за просперитетна нација низ владеење на правото и ЕУ-интеграција, по цена на личен рејтинг и откажување од привилегии. Вториот избор се групации коишто ја сведуваат општествената енергија за исчекор кон подобро на замена на ликови задолжени да ја задржат земјата во позиција на „клин“ во НАТО и Југоисточна Европа отворен за малигни влијанија – кон Македонците, антигонизирајќи ги меѓусебно и кон сите други припадници на нацијата на Северна Македонија, но и кон нашите соседи и сојузници во НАТО.

Опозициските медиуми и политичари затоа целно премолчуваат дека ова се први избори во нашата земја кои не се последица на општествените триења и изборите во Србија, туку дел од темите во сите набројани земји-сојузници на Северна Македонија во НАТО: борба против корупцијата како препрека за економски просперитет и средство за подривање на државните системи вклучително безбедносните. Бидејќи ваквата сооченост со „непозната територија“ разоткрива колку партиите се ранливи, тоа ќе се обидуваат да го прикријат со формирање перцепции.

Затоа да се подготвиме за „вревлива“ и предвидлива кампања за игнорирање на клучните теми: на прашањето како ќе ја надминат блокадата што сами и ја наметнаа на својата земја за почеток на преговорите Мицкоски ќе „парира“ со општински проекти за клупи и паркови; „Балансерот“ како инструмент на Рамковниот договор ќе го „презира“ на митинзи во Берово, а во Тетово ќе вели „ние сме за соживот, ние кај нив на баклава за Рамазан Бајрам, тие кај нас на јајца за Велигден“. Валутниот граѓанизам и валутниот патриотизам се ставени на апарати.

Иако кампањата за двојните пролетни избори сѐ уште не е официјално започната, политичката сцена веќе е преплавена со навреди, обвинувања и говор на омраза. Се спомнуваа изразите „измеќар“ и „марионета“. Дали една ваква црна кампања уште повеќе ќе ги натера граѓаните да седат дома и да не излегуваат на гласање? Дали антагонизмот ќе влијае на одзивот?

-Досегашната врева без содржина и до сега ги држеше граѓаните на страна од политиката. Партиите, а особено опозициските кои не расчистија со зависноста од олигархијата, предоцна увидоа дека останаа само на клиентелата градена во корумпираниот систем на медиумска контрола и дека затворајќи ги политиката и економијата за „несистемските“ Македонци заедно со немакедонците воопшто – се борат за канцеларии, а не за процеси и политика.

Затоа конкретно на ВМРО-ДПМНЕ сега не им минува проекцијата да обезбедат поддршка за себе повикувајќи на гласање за „казна“ на противникот наместо на избор на политика. Напротив, наметнувајќи им на гласачите „морална вертикала“ што самите не ја следат – го оправдуваат сомнежот дека целата стратегија била „закочи се, да дојдеме на власт, а после – ќе видиме“. А искуствата особено од 2014-16 кажуваат дека тоа веќе не е избор ниту на Македонците, ниту воопшто на граѓаните на Северна Македонија.

Низ една позната алегорија, да илустрирам што препознаваат граѓаните: Автобусот „Северна Македонија“ долго вози накај Брисел, но не може да ја искачи една од последните стрмни нагорнини. Ковачевски вели: „Да го поправиме моторот и да продолжиме: и ние имаме механичари“, Маричиќ вели „Од Брисел ни праќаат и шлеп-служба ако треба, па да стигнеме на дестинацијата“. На тоа Мицкоски, одговара: „ Ние да го смениме кондуктерот и повторно да им наплатиме карта на патниците“, а Николовски порачува „Овој мотор не треба да се поправи, кој сака нека фати друг автобус“. 300.000 граѓани ни се иселени за овие 20 години затоа што одбиваат „да платат карта за исто возење“ по втор пат.

Велите „антагонизам“. Не, постои непомирлива разлика меѓу коалицијата на делови од партиите предводена од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат Северна Македонија да остане вон ЕУ, да биде само формален партнер во НАТО и со тоа економски слаба и безбедносно порозна за малигни влијанија – и партиите и политичките групации ослободени од ваквите елементи во своите редови. Затоа Мицкоски ќе зборува за „неправди и уцени“, а Силјановска ќе зборува „како ЕУ треба да се реформира“, само за да ја саботираат преговарачката рамка на земјата за членство во Унијата, токму затоа што знаат дека рамката отстранува дополнителни услови.

Ова најконцизно е сумирано во реторичкото прашање што еден наш познат дипломат и аналитичар брутално го постави пред партиите воопшто и особено кон опозицијата: „Што е полесно: Да ја дополните Преамбулата или да ја засилите довербата во (право)судството?“

Кои се вашите црвени линии и услови за влез во евентуална влада со СДСМ и коалицијата?

– Добар дел традиционални медиуми и „интелектуалата“ како производи на олигархијата одамна не се на иста линија со општеството и граѓаните, па термините „експерти“, „јавност“, „инфлуенсери“… и нивните морализирања се влијателни повеќе на социјалните мрежи одошто кај граѓаните и општеството.

Во Северна Македонија – полноправна членка на ЕУ олигарсите се развластени. Знаејќи што губат, тие ги принудија партиите да се изјаснат кого ќе поддржуваат – нив или граѓаните. Од моментот кога Ковачевски одби неговата Влада и партија да го закочат интегративниот процес и да ја отворат земјата за малигни влијанија, олигархиските инсталации добија прекоманда: едни „назад во Белата палата“, други во формираат ренегатски партии.

Ова расчистување трае долго, а со наближувањето на изборите стана општо видливо. Тој моментум на процеси ја отвори можноста за соработка на Движењето за Нова република со СДСМ, конкретно по трите цели што ги објавивме: владеење на правото, ЕУ-интеграција и придонес кон националната и колективната безбедност и одбрана на Северна Македонија и кон нејзините сојузници во НАТО. Соработката стана природна со цврстата поддршка за дополнувањата на Законот за примена на рестриктивни мерки.

Во минатото бевме сведоци дека бевте критички настроени кон сегашната власт предводена од СДСМ. Што се промени во ставовите за да подадете рака со екс-премиерот Димитар Ковачевски? 

Сите препознаа дека зад фините зборови од прирачниците на меѓународните партиски институти се кријат тешки стапици. На пример, дека зад плаштот на „проекти“ Мицкоски уфрли нова тема за уставни измени со бројот на пратеници – за да го зголеми бројот на прашања и ја попречи дебатата за дополнување на Преамбулата, запирајќи го почетокот на преговорите со ЕУ. Ако Димитриевски се претставува како политичко чедо на Црвенковски, а тврди дека Коридорите 10Д и 8 му се потребни само на НАТО, треба да одговори зошто истите тие коридори се приоритет на сите влади на Црвенковски?

Сега препознаваат и дека на овие избори и по изборите како држава и општество го пресретнуваме „црногорското сценарио“. Пред таков предизвик немаме право да стоиме на страна.

Дел од граѓаните сметаат дека малите партии своевремено имале одлични идеологии со кои привлекувале одредена група гласачи, но го изгубиле тоа подоцна кога влегле во големите коалиции. Дали помалите партии се најгласни во молкот и се жртви на сопствените калкулации и пазарења?

– Партиите какви што сме навикнати да ги познаваме веќе не постојат. Тоа се однесува и на помалите, замислени како „зачин“ на поголемите. Граѓаните и гласачите прво се идентификуваа со партиски брендови зачинети со идеологија, па се повеќе се идентификуваа со ликови во нив. Следна фаза која ја живееме ги збунува партиите – гласачите бараат политичари со авторитет, а не за авторитарност. Но не ги збунува луѓето, оти макар инстинктивно знаат дека Северна Македонија е дел од НАТО – но и НАТО е во Северна Македонија. Да резимирам: Калкулациите се составен дел од политиката. Калкулантството не.

Н.П.

Слични содржини