ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Се уште непознато која партија од албанскиот блок ќе одржи завршен митинг во Тетово

Шест дена пред почетокот на молкот за парламентарните избори, двете коалиции од албанскиот блок се уште не постигнаа договор кој ќе го одржи својот завршен митинг на плоштадот во Тетово. И од Европскиот фронт и од коалицијата „Вреди“ засега немаат намера да отстапат.

„Има некои правила – кој се појавува прв, кој поднесува барање прв, кому му дава полицијата прво одобрение за одржување на така голем митинг и мислам дека ние предничиме во овие барања, но останува да почекаме. Да се тргнеме од нашата цел, да ни биде завршниот митинг во Тетово на шести мај, немаме намера“, рече Арта Биљали Зендели – Европски фронт.

„Не е така, ние уште пред десет дена имаме добиено дозвола од Општина Тетово, пријавено е во МВР, но и покрај тоа ќе анализираме деновиве и ќе излеземе со конечен став, бидејќи е чиста провокација“, рече Изет Меџити.

На вчерашните митинзи, од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека е потребно што поголем број граѓани да излезат на изборите и ги повикаа сите опозициски настроени граѓани да го дадат гласот за нив, додека пак од СДСМ побараа поддршка од, како што велат, прогресивните и правдољубиви граѓани за да продолжи евроинтегративниот пат.

„Потребна е голема референдумска излезност и потребен е концентриран глас за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што сите коишто се незадоволни од актуелната власт на заминување, на СДСМ и ДУИ, треба да знаат дека само гласот за ВМРО-ДПМНЕ значи промена“, рече Александар Николовски – коалиција „Твоја Македонија“.

„Треба напредок и и развој. Од оние со ккои стоевме во чекалницата на Европската Унија, а кои се уште немаат ниту план, ниту визија како и кога да не однесат внатре во неа, таков напредок и развој не може и не треба да очекуваме“, рече Моника Зајкова – Коалиција за европска иднина.

На средби со граѓаните, од Левица, но и од коалицијата предводена од Стевчо Јакимовски, истакнаа дека во Собранието нема да дозволат промена на Уставот.

„Влегуваме во фото-финиш на кампањата. Очекуваме минимум да го дуплираме резултатот од претседателските избори, затоа што поддржавме независна кандидатка и тоа беше скор којшто беше горе-долу очекуван. Но, сега доаѓаат нашите главни избори, на осми мај, а на деветти мај ќе славиме од осум до дванаесет пратеници“, рече Димитар Апасиев – Левица.

„Гласајте за коалицијата „Храбро за Македонија“, за ГРОМ, ИНТЕГРА И ПЦЕР и нема да зажалите. Ние ќе бидеме вашиот бедем и бастион, вашата одбрана, вашата разум во Парламентот, ќе ги браниме македонските национални интереси и нема да отстапиме ниту милиметар од промена на Уставот“, рече Љупчо Ристовски – „Храбро за Македонија“.

Коалицијата „ЗНАМ за наша Македонија“ најави дека ќе се посвети на обединување на граѓаните.

„Нашата цел е да продолжиме да ги обединуваме граѓаните и ние ќе работиме исклучиво во интерес на Македонија, за државните и националните интереси во прв план, а не партиските и за жал, на тесен дел од партиските раководства“, рече Максим Димитриевски – коалиција „ЗНАМ за наша Македонија“.

Од партијата Демократи нагласија пак, дека преку Собранието ќе иницираат намалување на цената на струјата.

„Ние како Демократи, предлагаме како ваши идни пратеници во Собранието на Македонија, да се градат електроцентрали за да имаме домашно производство, за да можеме да ја намалиме цената“, рече Јорго Огненовски – партија „Демократи“.

На парламентарните избори на осми мај ќе настапат вкупно 17 коалиции и партии.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button