Top Sport

Шчесни: Изборивме место на ЕП, во спротивно ќе се повлечев од репрезентацијата

Полскиот голман Војчех Шчесни изјави дека ќе се пензионирал од националниот тим доколку неговата репрезентација не се пласирала на Европското фудбалско првенство.

Во вторникот вечерта, на натпреварот меѓу Полска и Велс во Кардиф, по 120 минути игра немаше голови, па победникот беше решен по изведувањето на пенали. Шчесни ја однесе ПОлска на Европското првенство откако го одбрани пеналот на Ден Џејмс во петтата серија.

„Нема психологија, ги анализирав изведувачите на пенали, што не направи разлика, бидејќи сите почнаа да шутираат во средината, а никој од нив претходно не шутирал така“, изјави голманот на Јувентус, пренесуваат италијанските медиуми.

Полска на пенали го победи Велс со 5:4.

„Кога ќе дојде до решавачкиот пенал, тогаш притисокот е врз изведувачот, а не врз голманот. Има огромен притисок врз играчот при изведувањето на решавачкиот пенал, мислам дека овој пат беше на Џејмс“, изјави Шчесни.

За голманот на Полска ова ќе биде четврто последователно Европско првенство на кое настапува, а досега во дресот на националниот тим се појавил 81 пат.

Европското првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија, а Полска е во групата Д со Холандија, Австрија и Франција.

Scroll to Top