Евролигата оваа сезона го сруши рекордот на посетеност на натпреварите. Вкупно 3 милиони навивачи ги гледале натпреварите во живо што е зголемување од 18 отсто во однос на минатата сезона. Очекувано најгледани се натпреварите на двата српски тима Партизан и Црвена Ѕвезда.
Оваа сезона просекот на посетеност на натпреварите во Евролигата е 10.383 навивачи, а ланската сезона изнесуваше 8.748. Партизан во просек е најгледан тим со 19.916 навивачи на секој натпревар на домашен паркет или 99 отсто од капацитетот на „Белградска арена“. Вечниот ривал на „црно-белите“, Црвена Звезда е втора со просек од 17.842 навивачи, потоа следуваат Жалгирис и Панатинаикос со просек од над 14.000 гледачи по натпревар. Меѓу најгледаните тимови се Анадолу Ефес, Олимпијакос и Емпорио Армани.
Интересно е тоа што просекот на посетеност на натпреварите можеше да биде уште поголем, но Макаби Тел Авив поради воената состојба во Израел ги играше своите домашни дуели во Белград речиси без публика.