Се огласи Ердоган за тензиите на релација Израел-Иран

од Nikola Popovski

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека и Израел и Иран дале различни изјави во врска со пријавениот израелски напад на иранска територија утринава и дека има нејаснотии околу случајот.

„Во моментов Израел кажува едно, а Иран изразува различни ставови. Нема јасни и разумни изјави за тоа што всушност се случило“, изјавил Ердоган пред новинарите во Истанбул.

Тензиите на Блискиот Исток ескалираа меѓу Иран и Израел во саботата, откако Техеран изврши напад со дрон и ракетен напад како одговор на претходниот израелски напад врз неговиот конзулат во Сирија.

Според пишувањата на американските медиуми, Израел рано утринава извршил „ограничен напад“ на територијата на Иран. Сè уште нема официјални коментари од Израел.

Турскиот претседател Ердоган ја критикувал и одлуката на САД да стави вето на кандидатурата на Палестина за полноправно членство во ОН.

„Во Советот за безбедност на ОН видовме како САД застанаа покрај Израел, ставајќи вето на кандидатурата на Палестина за полноправно членство. Додека сите стојат со Палестина, за жал, САД ја покажаа својата позиција со тоа што застанаа на страната на Израел. Не очекувавме ништо друго, но имавме можност самите да се увериме“, рекол Ердоган.

Коментирајќи ја претстојната посета на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Анкара, Ердоган истакнал дека тоа е еден вид возвратна посета и дека ќе биде значајна пресвртница во турско-грчките билатерални односи.

Слични содржини