Оставаат зад себе расформирано образование, а ветуваа дека врвно ќе го реформираат

Образовниот систем во Македонија колабира: се реформира, се расформира, се деградира… Има уште објаснувања, ама и овие „слики“ се доволно „силни“ за да се вклучи алармот кој треба ќе го разбуди поспаното државно тело кога е во прашање овој многу важен општествен сегмен. Во многу училишта фали инвентар, нема модерни табли, проектори, кабинети и други посовремени нагледни средства. Учебници, кој има, кој нема. На тие што имаат учебници многу работи им се неразбирливи, наоѓаат апсурдни грешки во нив…, а тие, пак, што немаат слушат само празни ветувања дека наскоро ќе ги добијат и учат на импровизиран начин. Нема добра програма, а има ослабен образовно – воспитен процес.

Се прават бомбастични и многу фалени реформи на реформите, а состојбата станува полоша. Веќе се создаде хаос во кој како да не се знае кој е темелот на кој стои образовниот систем. Од набрзина донесената нова концепција за основното образование веќе почна да се откажуваат и нејзини автори.

– Некогаш имавме квалитетно образование кое вадеше квалитетен кадар сега веќе не. Образованието веќе е навлезено во пропаѓање по „реформите“ на Мила Царовска, по корона-кризата. Се додека се аплаудира на партиски решенија нема да имаме квалитет. Од школите ќе излегуваат кадри кои ќе бидат само обична работна сила и ќе бегаат од државата или ќе останат и нема да се разликуваат од масата, смета Стефанија Пирганоска.
Нема учебници или се со грешки

Властите за да ги покријат овие хаоточни состојби само даваа нови ветувања. А колку се лоши состојбите во македонското образование покажаа и истражувањата на УНИЦЕФ според кои постигнувањата на нашите ученици се под просекот на учениците од Западен Балкан. И Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) пред две години покажа поразителни резултати. Во Западен Балкан нашите ученици се најслаби во читање, математика и природни науки.

Во времето кога со ресорот управуваше министерката Мила Царовска се „зготви“ набрзина нова реформа, нова концепција за основно образование, се применуваа фински и други модели, се консултираа само истомисленици, а се игнорираа зналци кои критикуваа… и власта самоуверено чекаше постигнување на успех. Ама… Се трансформираа и разделуваа предмети Историја и Географија, се најавуваа укинувања на печатените учебници и воведување на дигитални…. За жал, ги игнорираа реакциите во јавноста дека реформата е лоша, неподготвена, избрзана, дека треба да се стопира и поново осмисли.

-Образованието ни е на стаклени нозе и тоа сега е никакво. Учебниците се ужас, а поранешната министерка Мила Царовска само го дорастури тоа малку што го имавме. Потребна ни е комплет нова реформа, вели Маја Јованова.

Меѓутоа, тоа не и се слуша на власта. Затоа и имаше невидени апсурди во учебникот по Историја и општество за петто одделение каде пишуваше дека Монт Еверест е висок 29.305 метри, а Македонија од исток се граничи со Албанија, а од запад со Бугарија, дека Никола Тесла е изумител на електрична енергија… Во учебникот по Географија за осмо, пак, на Португалија и е ставено државното знаме на Шпанија!?  Но, тоа е само една страна од проблемот. Втората е што некои важни предмети „исчезнуваа“. Трета е дека добар дел од учебниците учениците се уште ги немаат. Комисијата за заштита од дискриминацијата во септември лани откри дека од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година не биле обезбедени 43 учебници, односно недостигале 34 отсто или една третина. По ова се редеа изјавите на министерот Јетон Шаќири дека учебници ќе се печатат, дека немало рецензенти, дека наставните планови и програми на време ќе се прават…

Школските кабинети и натаму се недоволно опремени. Затоа, пак, бомбастично се формира владино тело Совет за образование на чело со премиерот и полно со министри, но ефектите од неговата работа до сега не и се познати на јавноста… Македонија сите овие години е земја во која се помалку се издвојува за образование: пред 5 години беше 3,7 од БДП, а сега е 3,2 отсто, при што 87 отсто од расходите за основно образование се за плати…

-Квалитетот на сегашното образование го оценувам со 0 (нула) оценка. Ова е катастрофа, само ги малтретират децата и наставниците. Мила Царовска уништи се во образованието и си замина, а никакви добра нема, смета поранешната просветна работничка Илинка Ефтимова.

Се фатија за оброкот и превозот

Сега е прашањето што да се прави понатаму? Во пресрет на изборите владеачката партија наместо ревизија на својата погрешна образовна концепција дава други ветувања. Најавува, на пример, воведување на бесплатен оброк за учениците во основните и средните училишта, бесплатен јавен превоз, бесплатни екскурзии… Но, за она што суштински треба да се смени во образованието нема ниту збор. Сметаат дека се е во ред?

-Состојбата во образованието е никаква, што од учебнции што од наставници. Катастрофа е начинот на кој се направени некои книги. Лекциите немаат лесен тек за учење, не се убаво објаснети, посебно за помалите ученици до 6-то одделение. Ако дома не си наставник со децата, тешко дека нешто ќе научат. Итно мора да се направат нови учебници од стручни лица, не од партиски кои се неписмени. Мора да се сменат и програмите за наставата, смета Тања Трајковска.

И Стефанија Пирганоска смета дека нешто мора радикално да се смени.

-Потребно е да се врати стариот начин, училишта да бидат воспитно образовни институции, наставникот да биди наставник и да се има почит, а не учениците да му кажуваат “Не ми можеш ништо, ќе дојде тато, вујче“… Образованието да не е под капа на партија која како се смени така да внесува реформи. И да се забрани да се вработува наставници по партиски клуч. Имав таква ситуација таков наставник и беше страшно тоа што им го напрај во тек  на една година на децата, предупредува ова граѓанка.

Реакцијата на новите власти треба да биде брза и конкретна. Образованието е мошне важно и е показател каква ни е државата.

 -Какви што се реформиве и ситуацијата во образованието изгледа добро е да се смени државата со некоја нормална. Оние што не можат да си ја сменат државата ќе си ќутат и ќе чекаат резултати за некоја година пошто за револуција и за преземање нешто конкретно тешка работа, ни рече граѓанинот Борче Симоновски.

Очигледно, власта остава зад себе хаос во оваа важна општествена сфера. Но, не треба да има целосно разочарување, напротив сега (а особено по изборите) треба да се има поттик за засилено и планско работење. Кој тоа го може, треба добро да се размисли пред гласањето.

Слаби на меѓународни тестирања, а дома полни со петки

При лош образовен систем и при лоши межународни тестирања, македонските деца сепак беа полни со петки. Пред две години дури имаше и шокантна вест дека на приемен испит за упис во скопската гиманзија „Орце Николов“ од 292 завршени основци кои имале целосно одличен успех, само 11 оставриле одличен успех и на тестирањето, а нив 40 добиле „единици“. Тоа го отвори и прашањето за реалноста на оценките кои ги добиваат во текот на основното образование и лесното оценување со “петки“. Испадна дека отсуството на вистински реформи го надокнадуваа со високи оценки?

Претходна вестСДСМ: ДПМНЕ го врати речникот од 27 април со нападите врз Пендаровски
Следна вестСообраќајот на патиштата се одвива непречено, по суви коловози