Македонија лидер во регионот според цената на становите

Цените на становите уриваат рекорди во Македонија која е лидер во регионот според растот на ценатата за метар квадратен.

Според анализата на бугарски 24 часа, минатата година недвижнините поскапеле за 20,6 отсто, објави Сител.

Зад нас е Албанија – над 17,5 отсто поскапување, Бугарија под 10 отсто, Србија 6,5, и Хрватска 3,5 отсто. Цените во центарот Скопје, во моментов достигнуваат  од 2.000 до 2.500 евра за квадрат. Поевтини се на периферијата, каде квадрат чини околу 1.000 евра.

Растот е нелогичен, велат од Сојузот на Стопанските Комори, бидејќи не го следи порастот на платите, а плус и каматите на кредитите растат, така што интересот за купување на станови имаат само тие што претходно заработиле пари.

– Секогаш ми претставувало нелогичност и според сите анализи кои ги имаме, заклучуваме дека станува збор за моментален раст, како реакција на економските шокови во изминативе години. Но, реално условите нема да дозволат ваква дискрепанца помеѓу платите и можноста да се купи стан. Можеби некој кој работел во странство, се враќа и има пари да си купи стан, но со вакви цени, ова е неодржливо за наш стандард, изјави Трајан Ангелоски, претседател на Сојуз на Стопански Комори.