Македонија
Османи: Имало информации дека Израел го нападнал Иран, меѓутоа сѐ уште не се потврдени
САД денеска препорачаа до своите граѓани да не ги напуштаат Тел Авив и главните центри на Израел поради можни напади, а не е исклучена можноста и македонското МНР да упати порака за претпазливост до нашите државјани таму.
„Во текот на денот и ние ќе ги информираме нашите граѓани иако постојано сме во комуникација со оние што се таму“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што рече, нема нови пријави од наши граѓани што се наоѓаат во Израел и во регионот на Блискиот Исток за евентуална евакуација.
По објавата на западните медиуми дека Израел утрово го нападнал Иран, Османи изјави дека постојано се следи состојбата, а утринава повторно разговарал со нашиот амбасадор во Израел.
„Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа сѐ уште не се потврдени и затоа не ве информирав во врска со ова прашање. Меѓутоа, тоа се информациите од утринскиот разговор што го имав со нашиот амбасадор, но немаме барање ниту преку СОС-телефонот ниту преку нашата Амбасада за евакуација“.
Сите државјани што имаат потреба од евакуација може да стапат во комуникација со нашата Амбасада во Тел Авив на дежурниот телефон 972 549 267 378, како и СОС-дежурните телефони на МНР – 075 273 732 и 075 268 376 со цел подготовки за евентуална евакуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.