Микробиологот Пановски: Не ја навредувајте сопствената држава, не се лажете самите себе…

Познатиот микробиолог Никола Пановски кој е и советник во Град Скопје одговара на 10 прашања надвор од медицинската и политичката сфера:

 

1. Три најсреќни моменти во животот?

Прв: Раѓањето на моите пет деца, не би ги делел овие четири моменти од мојот живот. Четири, бидејќи првите се близнаци. Втор: Раѓањето на моите четири внучиња. Трет: откривање на изворот на болничка инфекција кај новородени во скопска болница, во далечната 1990 година.

2. Три работи кои се каете што сте ги направиле?

Има многу работи за кои се каам што не сум ги направил, а оние што сум ги направил и се каам не се за јавност.

3.Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?

Влатко Стефановски, Симон Трпчевски, Трифун Костовски.

4. Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?

Ме радуваат: ќерките кои ме гушкаат секој ден, снаите кои ме викаат тато, возење велосипед.  Ме нервираат: некултурата на пратеници кои се надвикуваат на дебатна емисија, сметот во градот, простотилакот и омразата на социјалните мрежи.

5. Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?

Марксизам, Политичка економија, Општонародна одбрана.

6. Три работи во кои сте добар, и три во кои не Ве бива?

Ме бива за: пренесување на моето знаење до колегите и јавноста, добар татко и добар сопруг. Не ме бива: да одберам подарок, да дадам комплимент, да издржам подолго време да слушам лаги и глупости.

7. Три места во Македонија што радо би ги посетиле?

 Берово, Крушево, Охрид

8. Три најдобри книги, филмови и песни?

Книги: Како што сака господ од Николо Аманити, Порта на солзите од Абрахам Вергезе, Папокот на светлината од Венко Андоновски. Филмови: Москва не им верува на солзите, Амадеус, Добар, грд, лош. Песни: Аријата Не сум дорма, од операта Турандот, Некогаш и негде, Каролина и Бистра вода, од Леб и сол.

9. Три омилени јадења?

Бурек, сарма, пастрмка.

10. Три совети кои ги давате на другите?

 Радувајте се и уживајте во ситните работи, не ја навредувајте сопствената држава, не се лажете самите себе и не ги лажете блиските.

Претходна вестПротивпожарната единца од Прилеп спасила едно лице паднато во бунар
Следна вестРФМ: Продадени се сите билети за натпреварите на македонската репрезентација на ЕП