Сериозна владина корупција, проблеми со независноста на судството, сериозно ограничувања на слободата на медиумите и притисоци врз новинари кои истражуваат корупција, се само некои од проблемите на кои Стејт департментот укажува во новиот годишен извештај за состојбите со човековите права во Македонија.

Пред сè во извештајот се забележани случувањата во Собранието во септември лани кога, во експресна постапка беа усвоени измени на Кривичен законик, со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба.

Се оценува дека корупцијата останува значаен проблем во земјата и дека владата ефикасно не ги применувала законите кои предвидуваат кривично казнување на корупција меѓу официјални претставници.

Стејт департметот во извештајот укажува и дека невладините организации ја критикувале владата  поради тоа што таа има улогата на главен работодавач и дека тоа создава широки можности за корупција.

„Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата создава широки можности за корупција“, се вели  во Извештајот.

Се наведува и дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) забележала дека корупцијата генерално се влошила во земјава.

Голем дел од извештајот на Стејт депарментот се однесува и на состојбите во судството, наведувајќи дека имало извештаи дека државни службеници користеле политички и деловен притисок врз судиите, непотизам и клиентелизам, а според Стејт департментот проблем е и долготрајната правда.

„Имаше значителни одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери“, пишува во извештајот.

Извештајот потсетува и на минатогодишните случувања во Судскиот совет, и ги спомнува унапредувања во судството и обвинителството под политичко влијание, без заслуга или транспарентност, а ја наведува како проблем недовербата на граѓаните во еден таков систем.

„Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитуваше судската независност и непристрасност. Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото. Анкетите покажаа силна недоверба на јавноста кон судството. Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството“, се вели во Извештајот.

Во извештајот се споменува и аферата со лекови на Државната клиника за онкологија при што пишува дека обвинителството покренало истрага за наводите дека персоналот крадел лекови за рак и дека ги продавал на црниот пазар и укажува дека граѓаните протестирале за наводите што беа објавени во јавноста. Се истакнува и случајот на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, против кого ОЈО поднесе предмети за приближно 30 случаи во кои тој бил вклучен од 2006 година, при што се забележува дека половина од предметите против Мерко биле отфрлени или дека застареле по различни основи.

-„Имаше значителни одложувања во судењата, кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери“, пишува Стејт департментот

Во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2023 година, во кој се третирани состојбите во 200 држави и територии низ светот, во делот за Бугарија се наведува дека и покрај многу судски одлуки на меѓународни инстанци, Бугарија и натаму одбива да регистрира етнички македонски активистички групи.

Кога станува збор за слободата на изразување, вклучувајќи ги и медиумите Стејт департментот оценува дека самите медиуми и граѓанските организации сметаат дека слободата на изразување ја поткопуваат притисокот врз новинарите кои истражуваат корупција, како и неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност на медиумското рекламирање од државните институции, несоодветното однесување на јавните службеници со новинарите, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми и самоцензурата.

Според Извештајот за медиумите проблем е и новата законска регулатива која може да ја влоши медиумската корупција.

„Независните медиумски здруженија изразија стравување во врска со предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, кои би можеле да дозволат владини кампањи од ‘висок јавен интерес’ да се рекламираат преку комерцијалните радиодифузери. Критичарите тврдеа дека ова може да ја влоши медиумската корупција и уредувачкото мешање“, се наведува во Извештајот.

Претходно проблемите со сериозната корупција и изостанување на независно правосудство беа забележани и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, објавен во ноември, кога беше изразена  сериозна загриженост за распространетата корупција, и судството кое не напредува.

Дел од забелешките и во овој извештај се однесуваа  на случувањата во  Собранието во октомври кога, во експресна постапка беа усвоени измени на Кривичен законик, со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба.

И Американската амбасадорка, Анџела Агелер, порача дека во Македонија  има епидемија на корупција. Таа реагираше затоа што иако оваа година шест поединци и неколку фирми беа ставени на црна листа на САД, надлежните немаа никаква реакција на тие американски наоди и докази за корупција и за оневозможување на правната држава.

(М.С.)

 

.