МАКЕДОНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД ПРИВИЛЕГИИТЕ ОД ВРЕМЕТО НА СОЦИЈАЛИЗМОТ!


Неодамна премиерот Ковачевски престојуваше во посета на САД заедно со членовите на неговото семејство, сопругата, ќерката и синот. Меѓутоа, не беше објавено зошто, доколку има, не ги повел со себе кучето и мачето? Македонските политичари никако не можат да разберат дека со промената на системот треба да се менуваат и навиките од времето на социјализмот, во кој политичарите уживаа големи привилегии. Капитализмот е систем кој е базиран на парите и нималку не е случајно тоа што се посветува големо внимание на контролата на трошењето на парите кои граѓаните ги уплатуваат во државниот буџет. Постојат бројни случаеви кога поради незаконско трошење на буџетски пари граѓаните на изборите ги казнуваат не само политичарите, туку и политичките партии. Пред десетина години шведската европратеничка Мона Салин си поднесе неотповиклива оставка поради тоа што службената картичка ја користела за лични потреби во износ од дваесетина евра! Парите ги вратила, но и покрај тоа ја загуби шансата да биде премиер на Шведска. Кога беше премиер на Велика Британија,Тони Блер заедно со семејството годишниот одмор го користел во Италија каде бил сместен во хотел од средна категорија. На паршање на новинарите зошто не одмара во некој луксузен хотел, одговорил дека морал да води сметка за семејниот буџет! Кога беше претседател на Хрватска (два мандати) Стипе Месиќ им понудил на двајца претседатели на Република Македонија со семејствата да користат одмор на Бриони и тие ја прифатија понудата, а Месиќ ниеднаш не дојде на годишен одмор во Македонија!? Двајцата спомнати претседатели на РМ на покана на турскиот претседател Ердоган со семејствата беа на „ќелепур“ одмори и во Турција. Биле сместени во најлуксузни хоетли, а Ердоган ниеднаш не користел макар неколку дневен одмор во Македонија. Но, и доколку прифатеше да дојде на одмор во Македонија тој самиот ќе си ги поднесеше трошоците? Може да се претпостави дека трошоците за годишните одмори на македонските претседатели во Турција ги покрила некоја турска компанија која разбирливо очекува гостите од РМ да се ревеншираат. Постојат индикации дека трошоците за годишните одмори на македонските политичари ги подмирила компанијата Џеваир Холдинг, која во Скопје изгради неколку „облакодери“, а во една од нив е сместена канцеларијата на еден од пензионираните македонски претседатели! Поранешен македонски претседател редовно учествуваше на економските форуми во Азарбејџан. Редовно со него ја водеше и својата сопруга, која по враќањето кажуваше приказни за тоа како била убаво третирана и како се дружела со сопругата на домаќинот. Во врска со оваа посета се поставуваат две паршањата што бара македонскиот претседател на економски форум, кога тој согласно Уставот нема надлежност во економијата и што бара неговата сопруга на економски форум во Азарбејџан за чиј авионски превоз се платени многу пари, само со цел да се задоволат нејзините туристички желби и амбиции. Во времето кога беше премиер на Полска Лешек Милер беше во посета на Италија и Ватикан. Во службаниот авион ја зел својата снаја која имала желба да се сретне со Папата Јован Павле Втори, алијас Војтила. Полската јавност жестоко реагираше поради патувањето на снаата на премиерот Милер со службениот авион така што беше принудена во државниот буџет да ги надокнади трошоците за авионскиот превоз од Варшава до Рим и обратно. Премиерот Ковачевски наместо да кажува приказни за „вујкото од Америка“ кој ги платил трошоците за патување и сместувањето на члановите на неговото семејство во САД треба да ги врати потрошените пари за авионскиот превоз и за хотелското сместување! Крајно неморално и недозволиво е во земја во која се поголем број граѓани немаат пари за леб и за лекови, политичарите кои се виновни за катастрофалните состојби во државата, да уживаат огромни привилегии, како што се покачувањето на нивните плати за близу 80%, за туристички патувања во странски земји на членовите на нивните семејства со третман на ВИП и слично. Сопругите на високите политичари имаат право да користат привилегии само кога нивните брачни другари одат во официјални посети на странски земји и кога тоа е децидно наведено во поканата од домаќинот на посетата до гостот (претседателот или премиерот) заедно со сопругата да направи официјална посета на конкретна земја. Македонските политичари треба дефинитивно да разберат дека времето на „ќелепур“ софрите заврши и дека не би требало да прифаќаат куртуазни понуди за нивна лична корист, годишни одмори во најлуксузни хотели и слични привилегии, без обврска да возвратат со нивни пари, туку тоа го прават со пари од македонскиот буџет или со разни концесии на сметка на државата и на македонските даночни обврзници. Ни во времето на социјализмот не постоеа „ќелепур софри“ или какви било слични еднострани привилегии. Во договорите за соработка меѓу пооделните комунистички партии се практикуваа бесплатни годишни одмори за високи партиски функционери, но тоа се правеше на реципрочна основа, со прецизирање на бројот на личностите и должината на одморите.
Скопје, 15 мај 2023 година Коста Стоименовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close