Македонија
Цената на осигурувањето од автоодговорност се враќа на ниво од пред 25 април, одлучи Владата
Владата ја разгледа и усвои Информацијата со Предлог- измени и дополнувања на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.
Усвоените измени и дополнувања од страна на Владата, се по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со нив се утврдува опсег од 15% до 30%, во којшто друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност.
За износ на трошоците над 30%, предвидено е, друштвата за осигурување, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.
Денешната одлука на Владата значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година.
Дополнително е утврдено дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, најдоцна до 30 септември, секоја година, до Владата доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски и раководството на Централна Кооперативна Банка садеа дрвца во паркот во 11 Октомври Бараки
Во заедничка акција со раководството на Централна Кооперативна Банка, денес градоначалникот Орце Ѓорѓиевски садеше дрвца во паркот во 11 Октомври Бараки. Едновремено беше поставена и нова урбана опрема, обезбедувајќи удобна и пријатна средина за сите граѓани кои тука можат да одмараат и да се рекреираат.
-Денес, заедно со раководството на Централна Кооперативна Банка, сме во новоизградениот парк во населбата 11 Октомври Бараки, каде садиме дрвца и поставуваме нови клупи. Дополнувањето на зеленилото и содржините во оваа нова локација за одмор и рекреација придонесуваат кон зголемување на естетскиот и еколошкиот аспект, но и кон креирање на удобно место за одмор на нашите граѓани, кои, се надевам често ќе го посетуваат во своето слободно време. Нашата јасна визија и ангажман за зголемување на зелените површини и урбаната опрема во општина Кисела Вода е евидентна преку изградбата на 15-тина паркови и спортско-рекреативни центри во овие 2.5 години и ова е нешто што ќе продолжи да се случува со зголемена динамика на работа. Сакам да се заблагодарам на Централна Кооперативна Банка за нивниот придонес кон унапредувањето на квалитетот на живот на нашите жители. Се надевам дека оваа соработка, како чин на општествена одговорност ќе биде инспирација и за останатите деловни субјекти и дека ваквиот начин на вложување во развојот на општината, во иднина. ќе стане стандард за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Европскиот фронт: Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот Бехтел и Енка
Европскиот фронт смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со Бехтел и Енка.
„Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот Бехтел и Енка“, велат од Европскиот фронт, предводен од ДУИ.
Оценуваат дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и, како што велат, најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропската Влада го реализираше.
Договорот со Бехтел и Енка, како што се додава, е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ја оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација и го носи на државата.
„Јавно прашуваме, дали е ист ставот против Коридорот 8 и на албанската опозиција “Вреди”, губитниците на парламентарните и претседателските избори?! Досега во овие неколку дена не нарекоа “македонски албанци“, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната Влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“, велат од Европскиот фронт.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера најави дека ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран.
„Ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“ рече Мицкоски.
Во март, минатата година, потпишан беше договорот за изградба на коридорите 9 и 10-д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години.
Коридорот 8 предвидено е да се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10-д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од Управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните дена сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.