Според ССК, одлуката среда да биде неработен ден Владата ја донела без да се консултира со бизнис-заедницата и тоа е за да се добие поголема излезеност на деновите на изборите
Од Сојузот на стопански комори (ССК) сметаат дека утрешниот неработен ден негативно ќе се одрази на преостанатите работни денови од неделата.
Според ССК, одлуката среда да биде неработен ден Владата ја донела без да се консултира со бизнис-заедницата и тоа е за да се добие поголема излезеност на деновите на изборите.
За ваквата одлука, од ССК велат дека придонесува и станатите денови од неделата да бидат релативно неефикасни за фирмите.
„Со нас, конкретно, за оваа одлука никој нема разговарано. Кога ќе прогласите неработен ден во среда, негативно сте ја решиле цела недела, и понеделникот и вторникот се релативно неефикасни, како и четвртокот и петокот. Навистина, многу непријатна ситуација. Ова не е наша одлука, политичарите ги носат тие одлуки за изборните датуми кои им се потребни за да добијат излезеност“,
рече денеска претседателот на ССК, Трајан Ангелоски, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на тркалезната маса „Одржлива иднина со зелени иновации, практична примена во компаниите“.
Владината одлука за деновите на изборите, 24 април и 8 мај, да бидат неработни беше донесена на седница на 9 април. Во одлуката е нагласено дека неработните денови се за сите граѓани, а со цел секој да може непречено да го оствари своето право на глас. На 16 април, исто така на владина седница, беше донесен заклучок дека овие два неработни дена нема да се одработуваат
Денеска потсетување дека утре и 8 мај се неработни денови даде и Државниот пазарен инспекторат од каде што напоменаа дека ќе има дежурни инспектори кои ќе контролираат дали работодавачите во наведените денови ја почитуваат владината одлука.