Крива Река е сериозно загадена, има десеткратно повеќе штетни метали, рече градоначалникот на Крива Паланка


Водата во Крива Река е опасност по здравјето на луѓето откако избила хаварија во рудник. Според градоначалникот Сашко Митовски, во неа има десеткратно повеќе присуство на метали. Рече дека ќе поднесат кривична пријава. Според него, Државниот инспекторат нема постапено согласно законите.
„Извештајот на акредитирана лабораторија покажа дека водата во Крива Река, еден ден по хаваријата во рудникот Ораница, е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето. Извештајот покажува дека неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, а она што најмногу загрижува е десеткратното присуство на штетни метали, односно, количината на олово присутно во водата“, рече градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Тој го повика и Обвинителството да постапи, а вината ја лоцираше кај концесионерот на рудникот.
„Она што можеби е пострашно е што е загрозена и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја“, додаде тој.
