Search

40 години од Зимските олимписки игри во Сараево

На денешен ден, пред 40 години, почнаа 14-те Зимски олимписки игри (ЗОИ) во  Сараево, главниот град на БиХ, една од републиките на тогашна СФР Југославија. Ова биле првите и дотогаш единствени Зимски олимписки игри, кои се одржале во држава со социјалистичко уредување. Сараево бил избран за град домаќин во мај 1978 година во конкуренција на јапонскиот Сапоро и шведскиот град Гетеборг. Маскота на игрите бил волкот „Вучко“- мал волк  чиј дизајнер бил словенечкиот цртач Јоже Тробец. Вучко ја симболизирал желбата за спријателување на луѓето со животните. Плакатите за ЗОИ биле направени од познати уметници како Andy Warhol, Cy Twomblya, Hennry Moore, David Hockney, Emilo Greco, Milton Glaser, Jean- Michel Folon. Уметници ги поканил Лазо Вујиќ од познатата Visconti Fine Art galery тогаш активна во Љубљана. Постерите денес се објавени на веб страната на МОМА музејот од Њујорк, а колекција од истите и денес  може да се види во Олимпискиот музеј во Сараево.

Организацијата на ЗОИ  чинела 142,6 милиони долари, а половина од приходите на игрите биле остварени со продажбата на правата за телевизиско емитување на настанот. Ова биле првите Олимписки игри, одржани во време на долгогодишното претседателство со МОК на Хуан Антонио Самаранч.

На игрите биле продадени вкупно 250.000 влезници, од кои 200.000 биле продадени во странство. Настанот преку телевизиски пренос го следеле околу 2 милијарди луѓе. Учествувале 1272 спортисти од 49 земји, а од игрите известувале околу 4500 новинари. 

Јуре Франко

Алпскиот скијач Јуре Франко го освоил првиот медал за СФР Југославија на Зимските олимписки игри, завршувајќи втор во велеслалом. Во истиот спорт, близнаците Фил и Стив Маре од САД ги зазеле првите две места во слалом. Интересно е што за прв пат британската танцова двојка Џејн Торвил и Кристофер Дин освоиле злато, со максимални оцени во оригинален танц во уметничко лизгање.

Рекордни 49 земји-членки на МОК испратиле спортисти на игрите во Сараево. Првото учество на Зимските олимписки игри го забележале Египет, Монако, Порторико, Сенегал и Американските девствени острови. Спортистите од Република Кина го завршиле бојкотот, поради контроверзното признавање на НР Кина, при што повторно настапиле како претставници на Кинески Тајпеј.

Зимските олимписки игри не биле важни само за Сараево, туки и за цела тогашна Југославија. Тие се организирале четири години по смртта на Тито и три години по големите студентски демонстрации на Косово на кои се барало Косово да стане Република.  Титовите наследици сакаа да го покажат единството на земјата по смртта на Тито и способноста да го продолжат неговиот пат. 

Оваа олимпијада  била значајна и за меѓународната сцена. Само четири години пред тоа САД и поголемиот број европски земји ги бојкотираа летните олимписки игри во Москва поради советската инвазија на Афганистан, по што Советскиот сојузи и земјите од истиочниот блок најавија дека нема да учествуваат на летната олимпијада во Лос Анџелес. Во таа 1984 година, тогашна Југославија која не припаѓала на ниту еден од овие два блока, била единственото место каде истокот и западот можеле да се сретнат.

Неполни десет години подоцна истото тоа Сараево кое беше симбол на спортскиот дух и радост и единство, ќе стане симбол на нетолеранција, страдање и војна.

Најново

Последни колумни