МВР: Гласањето генерално се одвива мирно, без проблеми


Министерството за внатрешни работи досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, изјави портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Според него, од отворањето на гласачките места досега се регистрирани две фотографирања на гласачко ливче, едно во Штип и едно во Скопје.

Исто така, околу 09:20 часот на избирачко место во село Бучим, радовишко, од страна на претседателот на избирачки одбор е пријавено дека едно лице му го покажало гласачкото ливче на еден набљудувач. Од страна на ОВР Радовиш се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Портпаролот на МВР вели дека покрај ова, на подрачје на општина Чаир во Скопје на паркирани возила биле оставани летоци во врска со изборниот процес, а на две локации во Скопје се забележани испишани графити.

-На едно гласачко место во Скопје, покрај испишан графит, околу 06:30 часот претседателот на избирачкиот одбор пријавил дека во ходникот била пронајдена испукана димна бомба. Од страна на полициски службеници се преземени потребните мерки и активности и гласањето и на ова избирачко место се одвива непречено, рече на прес-конференцијата Ангеловски. 

Тој истакна дека МВР апелира граѓаните и учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето на овој изборниот ден да се воздржат од инциденти, а доколку се забележи било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица. 

Истовремено, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и државната секретарка Магдалена Несторовска го посетија оперативниот штаб во МВР во рамки на ОА „Претседателски и парламентарни избори 2024”, на кој присуствуваа и претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, ОБСЕ и ОДИХР.

Во оваа прилика Бојмацалиев ги поздрави гостите од САД, ОБСЕ и ОДИХР и уште еднаш потенцираше дека на колегите во оперативниот штаб им посочил да се работи исклучиво согласно законските норми и прописи, а со цел гарантирање на безбедноста на фер, слободни и демократски избори, впрочем како што се работело и досега од 2017 година навака, без забелешки за изборниот процес.

„Бев информиран дека гласањето не беше започнато на неколку места во предвиденото време, а на неколку е почнато со задоцнување или прекинато, на различни подрачја, сите поради технички проблем со читачот на отпечаток на прст. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријава за испукана димна бомба, од страна на тим на антитероризам извршена е проверка, подигната е направата и објектот е предаден на претседателот на избирачки одбор. На подрачје на СВР Куманово регистрирани се два настани и тоа пријава за организирано носење на гласање на стари лица и поставен штаб во близина на гласачко место. За време на предизборниот молк, во периодот од 6 до 7  часот, регистрирани се три настани на подрачје на СВР Скопје за испишани графити”, информираше Бојмацалиев.