Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров минатата недела го посети Пекинг, каде со кинеското раководство разговараше за ситуацијата во Украина и азиско-пацифичкиот регион, прашањата за билатералната соработка и интеракција на меѓународната сцена.

Со посетата Лавров покажа дека Русија не е изолирана и има силна поддршка од Кина во однос на војната во Украина и дека заеднички ќе ја усогласат надврешната политика против САД и нивните сојузници. Пекинг верува во тврдењето на Путин дека војната во Украина е последица на западните провокации на западната руска граница.

„Ние активно промовиравме мировни разговори и политички решенија. Кина не е креатор или страна на украинската криза и ние немаме и нема да направиме ништо за да профитираме од неа“, ќе изјави портпаролката на кинеското министерство за надворешни работи, Мао Нинг по средбата на Лавров со кинеските лидери.

И покрај ваквиот навидум невин кинески став, Кина никогаш не ја осуди руската агресија врз Украина и не побарала повлекување на руската војска. Ставот дека промовираат мировни разговори и политички решенија, може да се интерпретираат и како легализација на руската агресија и капитулација на украинската страна, а зад превезот на мирното решение на конфликтот Украина ќе биде принудена да се откаже од дел од нејзината територија.

Воената соработка меѓу Русија и Кина ги вознемирува и западните дeмократии. Двете моќни авторитарни држави, кои се во спор со слободниот свет и НАТО, се обидуваат да стекнат влијание во Африка, Блискиот Исток и Јужна Америка. Двете земји индиректно стимулираат воени удари во овие континенти каде демократско избраните влади се заменуваат со авторитарни режими.

Aналитичарите не ја исклучуваат можноста Русија и Кина да ја продлабочат воената соработка, загрозувајќи ја сериозно глобалната сигурност. Таквата соработка нема да влијае само на исходот на војната во Украина, туку повеќе ќе влијае на перцепцијата на Кина за заканите во Индо-Пацификот. Поради тоа, Западот ќе мора да се обедини за да ја возратат агресивната кинеска политика кон Тајван и спорните острови на Јужното Кинеско Море.

Се проценува дека Кина може да купува современо руско оружје, вклучувајќи и напредна технологија за производство на подморници, помагајќи сериозно на руската воена индустрија, која е под санкции. Во услови на проширена соработка, Кина може да ја притиска Москва да ја намали продажбата на оружје на земјите со кои Кина има територијални спорови, како што се Индија и Виентнам.

Ако со помош на Кина, Русија успее да ја потчини Украни, на режимот на Путин ќе му расте апетитот  и ќе нападне трети земји во блиското соседство, како што се Молдавија, Грузија или Ерменија, а познати се желбите на Русија да го прошири влијанието и на Западен Балкан. Одредени воени аналитичари дури не ја исклучуваат можноста Путин да ги нападне и балтичките земји, Финска или Полска, предизвикувајќи отворен конфликт со НАТО.

Хибридната војна на Путин против овие земји веќе е започната. Преку протести во Молдавија, Кремлин сака да ја собори прозападната влада, а Финска сака да ја дестабилизира преку наплив на бегалци на границата. Влијанието во Западен Балкан, Путин го остварува преку неговите пулени, Вичиќ и Додиќ, кои постојано создават тензии во Косово и Босна на граница на отворен конфликт. Руското влијание во поголемите земји  на ЕУ, како Германија, Франција или Италија, Москва го остварува преку зајакнување на разузнавачките активности против овие земји и финансирање на екстремната десница и левица, кои предизвикуваат поделби, протести и тензии во општеството.

Ако се остварат руските намери кон нашиот регион, да предизвикаат отворен конфликт во БиХ и Косово, и покрај тоа што сме членка на НАТО, ќе биде многу тешко виорот на војната да не ја зафати и Северна Македонија. Освен тоа, руското влијание во земјата ги напаѓа најосетливите точки на нашето мултиетничко општество, како што се меѓуетничките односи, односите со соседите, членството во НАТО и ЕУ, како и влијанието за време на избори.  Затоа хибридното руското и кинеското влијание во Европа и регионот директно ги загрозува и националните интереси на Северна Македонија, како и мирот, безбедноста и нашата европска иднина како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ.