Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грција воведува шест дневна работна недела

Грција воведува шест дневна работна недела

Од 1 јули оваа година,во Грција се воведува шест дневна работна недела. Новата обврска се однесува за државните служби- како што се комуналните фирми, банките и земјоделските стопанства, пред се, односно сите оние служби кои досега работеа пет денови во неделата.

Според новиот закон, дополнителниот работен ден не смее да трае повеќе од осум часови , а во тој ден не може да има ниту прекувремена работа.

Законот не само што определува работната недела да трае шест денови, туку овозможува работниот ден да трае максимално 13  часови, за да на тој начин се легализира  комбинирањето на постојаната и дополнителната работа- нешто што го практикуваат многу луѓе во Грција, со години на ред.

Една деценија подоцна

Реформирањето на работното време и работењето веднаш беше критикувано. Во Атина велат од  „дежурните критизери“ кои редовно се спротивставуваат во секоја новина што ќе се воведе во земјата и која  би можела да го наруши комодитетот во грчкиот (медитерански) менталитет.

Во овој случај тие потсетуваат дека не смее да се повреди европската директива  за работното време, според која вработените во периодот од седум денови не смее да работат повеќе од 48 часови, вклучувајќи ја тука и прекувремената работа.

Како и да е, медиумите  законот повеќе го гледаат од еден друг агол. Тој доаѓа после цела една деценија од времето на големата економска и финансиска криза,  кога меѓународната „Тројка“ од кредитори, го  бараше од Грција она  што владата во Атина сега го применува- воведување на  шест дневна работна недела.

Барање на „Тројката“ кредитори

Целта на ова барање тогаш беше   да се забрза стабилизирањето на (практично) банкротираната грчка економија, но и да се натераат Грците да работат повеќе и подолго. Пред се, за да се обезбеди  побрз излез од  кризата, а потоа и за да може да се оправдаат нереално високите плати во целиот јавен сектор.

Тоа беше време кога во Грција рано се заминуваше во пензија, користејќи разни оправдувања и изговори. Во јавниот сектор и во услужните дејности- луѓето се пензионираа и на 50 годишна возраст, а потоа продолжуваа  да  работат, на истото работно мест0-  со договор за дело.

На референдумот во 2015 година, на кој луѓето се изјаснуваа за тоа дали да се продолжи соработката со „Тројката“ кредитори, големо мнозинство од гласачите се определија за прекин на соработката. Наводно,  условите на оние кои даваа пари (кредити) за спасување на Грција, биле „неиздржливи“ за Грците кои, инаку,  забрзано го губеа дотогашниот стандард.

Ципрас меѓу партијата и државата

Премиерот Алексис Ципрас, меѓутоа, на изненадување на домашната јавност, не го прифати ваквото определување на луѓето и сепак  се согласи да прифати и трет пакет со финансиска помош, што, на крајот,  се покажа како спасоносно решение за земјата и за нејзината стабилизација.

„Се одлучив за ова откако добив доверливи сознанија што може да и се случи на Грција, доколку се прифатеше гласот на народот. Тогаш  се определив да не го прифатам референдумот.

„Кога требаше да се определувам меѓу моите  лични уверувања, меѓу идеологијата  и партијата- јас се определив за државата, за нејзините интереси и за иднината на Грција“.

Вака ја има објаснето својата одлука  Ципрас, во едно подоцнешно интервју, кога веќе беше видливо забрзаното стабилизирање на земјата.

Грчките гласачи, пак, не го прифатија објаснувањето. Иако Грција во минатата 2023 година беше земја со највисок раст во ЕУ.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе