Нашите претставници на Европскиот квиз на парите, учениците Кирил Китевски и Кристијан Лазароски, кои го освоија третото место на овој престижен меѓународен натпревар за млади во областа на финансиската писменост, остварија средба со Нејзиното височество, кралицата Матилда од Белгија.

Кралицата Матилда од Белгија, која присуствуваше на церемонијата на доделувањето награди на Европскиот квиз на парите, одржа интерактивна средба со првите три победнички тима – Австрија, Чешка и нашиот тим. Средбата со кралицата Матилда беше значаен момент на признание за учениците, кој ќе биде инспирација за уште поголеми постигнувања и напредок во иднина.

Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Народна банка и Комисијата за хартии од вредност, ќе продолжи да ја поддржува и да ја промовира финансиската едукација како клучен елемент за успешна и независна иднина на младите луѓе.