Top Sport

Ферстапен трета година по ред победи во Јапонија

Макс Ферстапен е победник на трката за Големата награда на Јапонија. На патеката Сузука, Холанѓамецот победи пред тимскиот колега Серхио Перез и победникот од минатата трка во Австралија, Карлос Саинц од Ферари.

Трикратниот светски шампион трета година по ред славеше во Јапонија и со тоа ја забележа 57-та победа во кариерата. Со третата победа во првите четири трки оваа сезона Ферстапен е лидер во генералниот пласман.

Најблиску до бранителот на титулата беше неговиот тимски колега Серхио Перез, додека возачот на Ферари, Карлос Саинц Јуниор беше на третото скалило на подиумот. На овој начин, Шпанецот стигна до подиумот и на третата трка сезонава. Саинц во Саудиска Арабија не возеше поради операцијата на слепото црево.

Во битката за победа на легендарната патека немаше возбуда, бидејќи Ферстапен водеше од почетокот до крајот, исклучок се неколкуте кругови кога беше во боксот. Ривалите на Ред Бул се обидоа да го предизвикаат Перез со различни стратегии при одењето во бокс, но всушност Мексиканецот на крајот беше недопирлив за сите освен за неговиот тимски колега.

Најлоша стратегија имаше Мекларен. Раните заминувања во боксот им ја уништија трката на Ландо Норис, кој стартуваше од третото место и Оскар Пјастри.

На крајот Норис заврши на петтата, а Пјастри на осмата позиција.

Пласман на трката за ГН на Јапонија: Ферстапен, Перез, Саинц, Леклер, Норис, Алонсо, Расел, Пјастри, Хамилтон, Цунода.

Scroll to Top