Желбата ќе му се исполни: Ериксон ќе седне на клупата на Ливерпул

На доживотниот верен навивач на Ливерпул, на Швеѓанецот Свен Ериксон, поранешен селектор на Англија, ќе му се оствари желбата да седне на клупата на „црвените“.

По дијагностицираниот рак на панкреасот на почетокот од годинава, се зборуваше за покана до Ериксон да води натпревар на легендите на Ливерпул и да мине извесно време во клубот.

-Среќни сме што можеме да потврдиме дека Свен-Јеран Ериксон ќе биде дел од менаџерскиот тим на легенди на Ливерпул против легенди на Ајакс, на „Енфилд“, на 23 март, потврди клубот по кампањата на навивачите да му се исполни желбата на Ериксон.

Тој ќе ги предводи легендарните поранешни фудбалери на Ливерпул, Иан Раш, Џон Барнс, Џон Олдриџ, Јиржи Дудек и други на ревијалниот, хуманитарен меч на фондацијата на Ливерпул.

Во текот на кариерата долга пет децении во која предводеше 12 клуба и четири репрезентации, Ериксон не криеше дека отсекогаш бил навивач на Ливерпул.

Во кариерата тој неколкупати беше блиску до Ливерпул, барем географски, кога беше селектор на Англија, менаџер на Манчестер сити и на Лестер, но никогаш не му се оствари желбата да ги тренира „црвените“.

– Татко ми сè уште е навивач на Ливерпул, јас исто така. Многу посакував да бидам менаџер на Ливерпул, тоа нема да се случи, но сепак и натаму сум навивач на Ливерпул, одговори Ериксон (76) на прашањето на водителот на Скај њуз, која функција во фудбалот посакувал да ја извршува.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО