14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Напредок кон ЕУ, сега!

Поаѓајќи од суштината на европскиот проект, неопходен е итен исчекор во процесот на европските интеграции за да можеме да се приклучиме на тековните процеси предводени од Европската унија за надминување на повеќекратната криза, која е со магнитуда незапаметена од втората светска војна па се до денес. Перспективата 2030 за зачленување во Европската Унија е реална и достижна.

Тони ПОПОВСКИ

Поради остро спротивставените изборни концепти за иднината на државата се наоѓаме на вредносна, но, и безбедносна крстосница. Граѓаните, без оглед на етничката и партиската припадност, во еден подолг период се изложени на моќна пропаганда од структури наклонети кон авторитарно владеење, придвижени од домашни но и од надворешни недобронамерни центри на влијание, со заедничка цел Републиката да отклони кон авторитарното, да го напушти НАТО, европскиот пат и стратешките партнерства со западните либерални демократии.

Неопходно е да се потсетиме дека тајната на успехот на Европската унија како мировен проект и истовремено проект на ефективна економска обнова е во држењето на екстремите во политичкиот спектар на демократска дистанца, и градење на консензус за напредок на Унијата кон умерениот политички центар. Овој прогресивен европски центризам е помалку идеологија, а многу повеќе прагматичен метод за обединување околу политики кои треба да ги задоволат суштинските потреби на граѓаните и да осигураат мир, безбедност, просперитет и благосостојба.

Поаѓајќи од суштината на европскиот проект, неопходен е итен исчекор во процесот на европските интеграции за да можеме да се приклучиме на тековните процеси предводени од Европската унија за надминување на повеќекратната криза, која е со магнитуда незапаметена од втората светска војна па се до денес.

Перспективата 2030 за зачленување во Европската Унија е реална и достижна. Процесот на преговори ќе овозможи да се справиме со нараснатите социо-економски нееднаквости и конечно да завладее правото кај нас со сите негови одлики, и на тој начин да се зацврсти довербата во уставниот поредок, демократската држава и нејзините институции.

Исчекорот во преговорите со ЕУ неминовно ќе резултира со остварување на повисок степен на заштита на демократските институции низ зголемена транспарентност и одговорност, и социјална правда, внимавајќи колку е можно повеќе граѓани да уживаат во придобивките од економскиот раст, односно да се намали драстично бројот на оние кои социо-економски заостануваат и на тој начин да се превенира нивно радикализирање односно трансформирање во потентен базен на избирачи за авторитарните партии на крајната десница и левица.

Засилената дигитализација и покачувањето на дигиталната писменост на населението ќе овозможи многу поефикасна борба со корупцијата, клинетелизмот, кронизмот и други поврзани девијатни појави. Не помалку значајно е да се постигне широк консензус за целите на прогресивните еколошки политики и адресирање на последиците од климатските промени кои секојдневно ги чувствуваме. На ова се надоврзува потребата од силни инвестици во обновливи извори на енергија, конзервација на природното наследство и воспоставување одржливи економски практики.

Истовремено, неопходен е широк општествен отпор со демократски средства кон манипулативниот етнички популизам, бидејќи е политички концепт спротивен на постулатите на либералната демократија и врз неа има корозивен ефект. Политичка понуда на евроскептичните, радикално – националистички партии и нивните поддржувачи во граѓанските, академските и бизнис кругови, првенствено цели кон враќање на авторитарниот модел на владеење со „цврста рака“, и демократско уназадување преку задушување на политичките противници, замолчување и санкционирање на граѓанското општество и неговите каузи, целосна контрола и влијание врз медиумите, уценување на приватниот сектор и заробување на клучните институции на државата, администрацијата и судството. Овие последици ги имаме искусено и наш свесен избор е дали ќе дозволиме повторно да се случат.

Истовремено, би било чесно кон јавноста и избирачите, приврзаниците на опцијата за одлучна и продолжена блокада на преговорите сѐ додека не се измени или замени постоечката преговарачка рамка со ЕУ и Договорот со Бугарија, да објаснат дали и колку ова сценарио е продуктивно за државата и нашето општество. Какво е влијанието на ова сценарио врз севкупната безбедност на Републиката, како од надворешни влијанија, така и по однос на внатрешни влијанија, или поконкретно, како се одразува на меѓуетничките односи, имајќи во предвид дека манипулативниот етно-национализам на едните повеќе од очигледно создава реактивен етно-национализам кај другите.

Понатаму, треба да знаеме кои се перспективите за раст на економијата и севкупен одржлив развој на Републиката, односно дали би се развивале подинамично и следствено би сѐ зголемувал животниот стандард на граѓаните низ методично водење на преговорите и зачленување во ЕУ или има реален модел кој би овозможил идентични ефекти во услови на повеќегодишен застој на преговорите. За оценка на овие сценарија во предвид треба да се има и Развојниот план на ЕУ за Западниот Балкан за периодот до 2027 година, каде нашата алокација е приближно 800 милиони евра од вкупниот буџет од 6 милијарди евра. Не помалку значајно е да се оцени дали нашите млади повеќе или помалку ќе емигрираат со блокирани преговори. Колку од нив ќе посегнат по пасоши на други држави?

Вистинскиот граѓански патротизам поврзува, а манипулативниот вирее врз општествените конфликти кои самиот ги создава и настојува да ги продлабочи. Острата поларизација во општеството не само што е непродуктивна туку води кон состојба со тешко управливи ризици, меѓуостанатото и по стабилноста на меѓуетничките односи.

За да опстанеме во зовриено геополитичко опкружување и притоа да напредуваме, неопходно е да се пронајдеме едни со други без оглед на партиската и етничка припадност, и политички да се зацврстиме во умереното. Радикализацијата на помалите народи и нации е истовремено најкус пат за нивно маргинализирање и изумирање. Неумереното и игнорирањето на потребата од консензус, може да предизвика сериозни последици.

Да го задржиме достоинството. Да бидеме одлучен глас на разумот во популистичката бучава и да не дозволиме да ја доведеме под прашање иднината на нашата демократска, интеркултурна и граѓанска Република!

Извор: Racin.mk

Спонзорирано: