Од рубља патриоти, Путинови олигарси до параноици- комплименти за Левица


Рубља патриоти, фолиранти, параноици што глумат во јавност дека се како Че Гевара а зад сцената прераснуваат во Путинови олигарси од балкански тип – ова се „комплименти“ за Левица која утрово се најде под рафални навреди и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, кои не можат да се  договорат дали и чиј партнер е таа. 

„Рубља патриотите на Апасиев во град Скопје, заедно со уценетата ГРОМ чија улога е да биде портпарол против ВМРО-ДПМНЕ ги гласаа бизнисите на СДС, ДУИ и Данела Арсовска поврзани со изработка на урбанистички планови и уредување на градежно земјиште.
Сложната коалиција составена од фолирантите од Левица со директори во Град Скопје, криминогената СДС и нивните газди ДУИ лесно се удружија да изгласаат изработка на нови урбанистички планови, нов градски бетон и уредување на градежно земјиште за заштита на приватни бизнис интереси.

Лицемерието на рубља патриотите од Левица кои пред јавност глумат Че Гевара, а зад сцената прераснуваат во Путинови олигарси од балкански тип се гледа и во фактот што се најголеми поддржувачи на новото задолжување што го планираше Арсовска, за кое нема елементарни податоци и информации, додека за задолжувањата за градинки, нови паркови и училишта во Штип, Аеродром и други општини се остро против. Разликата е што Арсовска го остварува интересот на Левица што се гледа и во неколкуте директорски места во градот Скопје со што ја споделуваат власта со СДС и ДУИ“, порачаа утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак го нарекоа анти НАТО и анти ЕУ протагонист  Димитар Апасиев, порачувајќи дека  е во параноја.
 
„По дефиниција параноја е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Изнесувањето лажни обвинувања и општа недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. Додека Апасиев делува во параноја, неговиот заложник, Христијан Мицкоски е во депресија – се што кажа излезе обратно, се што предвидуваше и се надеваше му пропадна и  му се клати фотелјата во Белиот дворец.Мицкоски е човек кој со години зборува само за ново мнозинство кое само што не го постигнал и предвремени избори кои само што не се случиле. Поминаа години, не само што нема ново мнозинство како што најавуваше Мицкоски туку владиното мнозинство ќе се зголемува а нема ниту предвремени избори. Немало досега политичар на македонската политичка сцена кој немал став за клучни прашања за државата, а она што го предвидувал излегло обратно. Буквално едно големо ништо“, возвратија од СДСМ.