Приватните превозници на протест пред ЈСП и на средба со Советот на Град Скопје

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Веќе петти ден приватните превозници не сообраќаат поради неисплатениот долг на Јавното сообраќајно претпријатие кон нив, а денеска ќе одржат и мирен протест пред централата на ЈСП, а потоа ќе остварат средба со сите советнички групи на Советот на Град Скопје за изнаоѓање решение на проблемите со кои се соочуваат.

Тие вчера беа обвинети од  градоначалничката на Скопје Данела Арсовска дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец. Во демант на таквите обвинувања превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети.

Имено, пред пет дена беше соопштено дека автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73.

Откако приватните превозници соопштија дека нема да сообраќаат, одржаа и средба со претставници на Град Скопје, но немаше позитиве исход.

– Иако состанокот беше напорен и траеше толку долго за жал не можам да кажам дека се договоривме за нешто конкретно. Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот се уште не е поминат и дека единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет, изјави директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски.

Тој информираше дека се во ситуација каде што приватните превозници не можат да обезбедат средства за да ги покренат автобусите и дека со тој проблем се опфатени сите линии.

Јовановски додаде дека не добиле одговор на прашањето зошто е прекината исплатата на средствата што се слеваат во ЈСП по основ на извршен превоз, редовен превоз на патници и превозот од учениците, и зошто тие средства што се уплаќаат во ЈСП веројатно се користат исклучиво за потребите на самото претпријатие и зошто не се прават напори за дел од тие средства завршат кај нив.

– Одговорите се криза, немаме доволно средства, не можеме да гарантираме редовни исплати и цело време се насочуваше на состојбата да се пролонгира целото ова решавање за четириесетина дена, рече Јовановски и даде дека не го разбрале моментот дека навистина долгот е огромен и дека приватните превозници не се во состојба да ги покренат автобусите и дека немаат дури ни за нафта и дека повеќе од три месеци немаат исплатено ниту плати на возачите.

Тој потенцираше дека од Град Скопје се повикаат на договорот којшто го имаат склучено, дека имаат обврска да го извршувааат превозот и доколку имаат некои побарувања тоа да го направат во правна процедура и со евентуални тужби.