Таткото на Вања: Немам поврзаност со овие луѓе за кои приметив дека не се каат, туку се разочарани од „царот“


Обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, за првпат прозборе пред судот за деновите кога трагал по неговата ќерка, но и за сите детали од истрагата. Прв, прашања му поставуваше неговиот бранител, Владимир Туфегџиќ.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ: Дали денеска се чувствувате спремен и согласен да дадете исказ пред судот за овој настан?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: Психички не сум сигурен колку сум подготвен, но сум согласен да дадам исказ и го чувствувам како обврска. Од почетокот на судењето реков дека се ставам на располагање на судот, поради неколку причини, пред се заради Вања, затоа што во текот на истрагата и тука во судницата беа изнесени ноторни невистини во врска со нејзе, на кои сакам да има порачам дека тато е истиот тој човек кој од пред 4-декември и од тогаш навака се претставува во екстремно спротивно светло од она што сум. Се решив да соберам, да ги потиснам емоциите за да можам да го дадам овој исказ, да соберам сила, храброст и поради сите оние кои ме познаваат и страдаат заедно со мене, но и поради сите оние кои не ме познаваат да ја кажам мојата страна на вистината, мојата приказна, дека немам апсолутно никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази во текот на постапката приметив дека не чувствуваат ниту вина ниту покајание, приметив дека демонстираа гнев и разочарување од т.н. „цар“. Одновно и одново со секое рочиште слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне, кој да ја врзува, ја трескале по гепеци, ја ставале во вреќи, психички и вршеле тортури, се обидувале да ги замачкаа доказите како и за првото убиство за тој велешанецот Панче, и заташкаат, Господ знае уште колку убиства ќе направеле и киднапирале. За себе сметам дека дадов голем придонес во истрагата во која како соучесници контактите на Гоце Трајковски од полицијата и ‘Сејф сити’. Ќе повторам, ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не приметив дека кај нив има вина и покајание, и дека ќе престанале со дејствата“.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ: Дали ги познававте лицата Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски од порано?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: Ниту ги познавам, ниту додека траат рочиштата можам да ги гледам, додека траат рочиштата претежно мижам. Затворени ми се очите, не можам да ги гледам. Во минатото, не се сеќавам од која временска дистанца, се крена врева поколу објектот Тифани во чија непосредна близина живеам јас и тогаш за прв пат слушнав за Палевски, меѓутоа не како Палевски туку меѓу нас комшиите го нарекувавме Упа. Го немам видено на ТВ ниту запознаено. Во коментарите со комшиите се говореше дека е голем бизнисмен, дека му го стопирале објектот затоа што наводно ‘Партизански одреди’ биле блокирани со самиот објектот, јас така паметам, не ми било важно, но сме коментирале. Тогаш дознав дека живее во близина на ‘Песталоци’ во голема куќа го голем двор, луксузно и наводно имал куче. Само сум слушнал за него. Исто така Зорица со родителите во периодот кога почнавме да се забавуваме, живееше во зграда која што позната како зградата на Упа, спроти фонтана, не знам како придонел во зградата, бидејќи сите знаевме дека е градена од комшија Страшо, газда на Бетон или Гранит, не знам точно. Дури го имав помешано со еден човек со многу понизок раст од него, Тоше, кој дознав дека е друг, со фирма Линк. Така го викаа Тоше Линк.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ: Кога се прв пат дознавте за имињата на овие луѓе?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: За Љупчо Палевски дознав кога ме задржаа во станица. Цело време ме прашуваа како сум комуницирал со него, што сум договарал а за останатите имињата ми беа кажани, но и ден денес ги мешам, ми беа кажани од обвинителката Жаклина во присуство на мојот адвокат.
Адвокатот Владимир Туфекџиќ: Дали сте биле нарко зависник?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: Релативно краток временски период во раните 90-тите поточно од 1993 до 1995 година. Мојата генерација ја зафати епидемија од нарко зависности. Не се гордеам со тоа, мене ме зафати и јас потклекнав меѓутоа веднаш штом почувствував дека сум заразен од супстанцата, побарав помош од семејството, им се поверив, иако тоа беше забележително, се гледаше, не беше тајна сите мои колеги тоа го приметуваа. Физички слабее човек. Сам најдов клиника во Турција, каде што бев се детоксицирав, 10 дена траеше третманот, и потоа следеше период на ресоцијализација кој за мене помина многу брзо, бидејќи имав поддршка од семејството имав разбирање од работодавците кои би дадоа неплатен одмор од три месеци, имав девојка, со еден збор имав живот на кој повторно му се вратив. Од тогаш до ден денес, не сум имал контакт со никаква нарко супстанца.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ: : Кажете ни дали бевте вработени и доколку сте биле, каде?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски:Накратко, од својата 18-година работам. На времето беа популарни студентските задруги имав многу ангажмани преку студентските задруги, во туристичка агенција, фри-шоп, штедилница, прво вработување на неопределено работно време ми беше во Фершпед АД каде работев од 1993 до 2002 година потоа преминав во Кометал, во еден сектор од корпорацијата за инженеринг, кога се родија дечињата. Вања беше захтевно бебенце имаше грчеви, слаба и беше крвта бараше 24 часовен ангажман околу нејзе нѐ повикуваше со плач постојано, со Зорица се обидовме да земеме жена да платиме за испомош, не се покажа добра идејата, бидејќи Зорица имаше поголема плата од мене, решивме јас да останам дома и да ги чувам децата. Бидејќи разликата помеѓу нив е 1 година и 4 месеци. Тоа траеше до 2017 или 18- кога се вратив во Фершпед, каде што ми беше кажано дека таму за мене вратите секогаш се отворени. Истото важеше и за Кометал.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ: Дали имавте долгови?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: Апсолутно не сум имал никакви долгови, можеби во периодот кога сум бил нарко зависник, имавме можности во Фершпед да земаме краткотрајни позајмици додека да стаса платата, меѓутоа тоа го правеа сите вработни. И да сум имал долгови, веднаш сум ги вратил, немам специјални и луксузни барања, скромен човек не сум познат како трошаџија.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ: Каков беше вашиот однос со децата?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: Односот беше љубов на прв поглед. Поготово со Вања. Јас ги чував малечки. Се грижев околу нивната исхрана додека беа болни, ги анимирав, бевме среќно семејство. Постојано знаев каде се, бев загрижен родител, и кога пораснаа со Зорица ги имавме на ‘гугл мапс’ и во секое време знаевме каде се движат. Иако и они самите ако решеа да сменат локација, обавезно ни се јавуваа да не известат за тоа. Беа интровертни, добро воспитани, ангели, кукли, дури и кога ќе останеа сами после училиште кога ќе го напуштеа друштвото, обавезно се јавуваа или кај мене или кај Зорица, телефонски им правевме друштво на патот до дома.
По ова, следуваа прашања за една недела Вања да биде киднапирана.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ: Што правевте една недела пред 27.11.2023 година особено во деновите од петок до недела?
Обвинетиот Александар Ѓрочевски: Тој период бев слободен, неврабитен, отказ дадов во Фершпед, и со самото тоа обврската со децата ги преземав јас. Тоа ми беше рутината за целата недела, не можам точно да се сетам кој ден што сме правеле, но се сеќавам за саботата. Можам да ви го опишам тој ден. Беа кај мене на ручек, поручекот добија понуди од друштвото и двете да излезат вечерта. бидејќи надвор почна да роси, да врне, преземав обврска да ги разнесувам со кола. Двете ги однесов кај Зорица и бидејќи имаше порано договорено состанок, да ја почекам во колата додека да се спреми, и ја однесов во ‘Дајмонд мол’ каде што се чекаше со друштвото. Потоа се вратив ја земав Миња ја однесов на договореното место кај Католичка црква, таму тие го променија мислењето, и решија дека сакаат да одат во ‘Сити мол’. Миња на шега баш ми кажа, значи тато ти и мама, ми сте како ‘убер драјвери’. Ја однесов Миња во ‘Сити мол’. Бидејќи помина повеќе време од кога ја оставив Вања во ‘Дајмонд’, а јас бев излезени и се јавив да ја прашам дали можеби можат да ме искористат бидејќи секако сум излезен не сум прибран дома, да ги пренесам на некоја друга локација. Вања се консултираше со девојчињата и решија да ги земам и да ги однесам во ‘Сити мол’. Потоа се прибрав дома. Децата имаа време за излегување до 10 часот исто така и нивните другарчиња. Околу 9 и 20 приметив дека Вања пешки го напушта ‘Сити мол’ а надвор веќе почна да снежи. И наеднаш ми стана офлајн на апликацијата. Веднаш и се јавив на Зорица. Ми рече ‘не се секирај тато знам зошто ми се јавуваш Вања ми се јави од телефонот на Ина, и снемало батерија и си доаѓа накај дома’. Во истиот разговор Зорица ме замоли кога ќе одам да ја земам по пат да и купиме и цигари, и така и бидна. Пред 10 часот Миња ми се јави дека го напуштила друштвото кај Универзална и бидејќи е проблем со паркингот кај Универзална, се договоривме пешки да дојдам кај Силбо да купиме цигари и да ja допратам до дома. Во неделата, сите до покасно поспавме, децата кај Зорица, јас кај мајка ми. Сме слушнале сигурно, сме комуницирале на платформата ‘Дискорт’, заедно со внук ми каде се дружевме кога не беа кај мене. Само заради нив ја имав симнато апликацијата, они нон стоп висеа на неа. Миња попладнето излезе, околу 6 часот, мислам дека беше можеби подоцна, ги испратила сите другарки, во околината кај Песталоци и ми се јави да дојдам да ја земам оти останала сама. Јас и предложив да вклучи камера, да го држи телефонот пред себе и да се упати накај дома за да не ме чека 15 минути додека дојдам до нејзе. Си разговаравме додека се движеше накај дома, и безбедно се прибра дома“.
Распитот е во тек.
